Последни написи

Две признанија и една закана во една реченица

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Мицковски, намерно или потсвесно, ја призна спрегата меѓу вмро и судството. На денот на вмро, што го прогласија за национален празник во 2007 година, тој рече дека судиите од „тефтерчињата“ – сега работеле за власта. Ги нарече и слуги, што е крајно навредливо.

Слушајќи го Мицковски, човек не може, а да не се запраша дали некој воопшто го советува и дали тој воопшто е во состојба да слуша. Често изгледа дека Мицковски не се слуша ни себеси. Но кому му е гајле за тоа, кога веќе има кој да го слуша.

„Судиите од тефтерчињата станаа нивни слуги, но само треба да знаат, гледајќи ја нивната лукавост, дека нема во новата влада на доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ да најдат нова прегратка, туку и тие ќе се соочат со правда“ – вели Мицковски.

Зошто е скандалозна оваа изјава?

Вистината е дека злогласните „тефтерчиња“ беа во рацете на шефовите на неговата партија, каде што и тој беше на функција и енормно се збогати. Тие ја заробија државата, а посебно цврсто ги држеа медиумите, финансиските институции, полицијата и безбедносните структури – и судството. Од каде знаеме дека листови од „тефтерчето“ сега не се во негови раце? Треба ли на збор да му веруваме? Моето искуство во тековниот судски спор со Мицковски ми кажува дека и тој има влијание врз некои судии. Ах, пардон! Тој го сака целото тефтерче.

Што друго признава нашиот „праведник“?

Призна и дека, кога неговата партија ќе дошла на власт, тој ќе ја преземе контролата врз судството.

Дури и се закани – тие судии ќе се соочат со „правдата“, што и да подразбира Мицковски под тој поим.

Едноставно, Мицковски упати отворена закана кон судството и судиите. Веројатно, треба тоа да се разбере и како: „Ако не се вратите во тефтерчето, тешко вам!“

Во говорот на Мицковски гледаме две урнебесни признанија во само една реченица. Останува малку нејасно дали Мицковски мисли дека јавноста заборавила две едноставни работи.

  1. „Тефтерчињата“ и заробената држава се вмровска работа.
  2. Партијата што му ја остави Груевски на Мицковски и другарчињата ги блокираше судските реформи во парламентот. На пример, законот за јавни обвинители го блокираа една и пол година.

Останува да се види како ќе реагира судството на овие признанија, навреди и закани. Не верувам, искрено, дека сите се ставени во вмровското или било кое друго „тефтерче“.

*

ПС. Судот, во првостепена пресуда, неодамна ми пресуди дека сум ги повредил човековите права на Мицковски, според членовите 8 и 10 од ЕКЧП. Ако не падне оваа пресуда на Апелација, тој ќе може да тужи и да добие спор против секој што ќе се осмели да каже нешто што нему не му се допаѓа. Тоа е правдата на Мицковски, бранителот на Европа и „љубовникот“ на Јустиција. 

текстот е личен став на авторот

Извор: ЦивилМедиа

 

Latest Posts

Не пропуштај