Последни написи

Небиу: Конфискуваните станови на Груевски проценети на 1,9 милиони евра, Груевски од Будимпешта негира: Ниту еден стан не бил на мое име

Откако Владата ќе одобри, конфискуваните станови на поранешниот премиер Никола Груевски одат на продажба. Вредноста на двата стана на „Бихаќка“ и трите апартмани во „Панорама Резиденс“ е проценета на 1,9 милиони евра, изјавил директорот на Агенција за конфискуван имот Дритон Небиу во интервју за Радио Слободна Европа.

На прашање на РСЕ кога конфискуваните станови на поранешниот премиер Никола Груевски на „Бихаќка“ и трите апартмани во „Панорама резиденс“ ќе бидат ставени на продажба, Небиу изјави дека како Агенција за управување со одземен имот и лично тој како директор ги ставил на дневен ред пред Управниот одбор. „Управниот одбор едногласно се согласи да ги ставиме на јавна аукција сите тие недвижни имоти што јас ги предложив. Сега само е проследено до Влада на Република Македонија. Од таму очекуваме согласност во најкраток можен период за ние после тоа имаме право да ги прикачиме во електронскиот систем за јавна аукција“, изјави Небиу за РСЕ.

Во однос на вредноста на недвижниот имот на Груевски и проценката на имотот, односно дали се работи за вредност од три милиони евра за која зборуваше обвинителката Лиле Стефанова во предметот „Плацеви на Водно“, Небиу за РСЕ рече дека според тоа што тој го поседува како документација за проценките од Бирото за судски вештачења, досега целиот имот не е се уште комплетиран со проценка. „Имаме уште два недвижни имота, КО „Нерава“ и КО „Центар“ што уште не е пристигната кај нас проценката од Биро за судски вештачења, но заради сето друго што е веќе направена проценката, за сите станови, и за тие на „Бихаќка“ и за тие во „Панорама резиденс“, е некаде околу 2 милиона евра, еден милион и 950 илјади евра“, рече Небиу во интервју за РСЕ.

По ова интервју, со реакција на Фејсбук се јави поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во 2018 година во Унгарија, каде ужива статус на политички азилант.

„Два од тие станови ги имав изнајмено под кирија со уредно потпишан договор за изнајмување, а другите три ниту сум ги видел, ниту знам каде се, ниту имам било каква врска со нив, исто и како со двете земјишта. Ниту еден стан од овие кои ми ги препишуваат никогаш не бил на мое име или на мој близок. И јас навистина незнам со кои аргументи и со кое лице врховниот суд би ја одбил поднесената жалба, ако тоа го стори“, вели Груевски меѓу другото во реакцијата на Фејсбук.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај