More

    До крајот на годинава мора да биде исплатен на работниците: Колку ќе изнесува К-15?

    Со растот на просечната плата во Македонија, порасна и минималниот износ за К-15, кој оваа година ќе изнесува најмалку 14.000 денари, пишува Центар.мк.

    Оваа бројка се добива кога ќе се земат предвид последните просечни месечни плати што ги објавил Државниот завод за статистика и кога од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти.

    Исплатата на К-15 или регрес за годишен одмор законски требаше да почне од 1 јули годинава во сите фирми и институции во државата, зошто не постои компанија која е ослободена од плаќање на регрес за годишен одмор кој им следува на работниците.

    Со доаѓањето на крајот на календарската година, така се стеснува и рокот до кој мора сите компании на своите работници да им го исплатат К-15.

    Казните се ригорозни. За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци па се до една година.

    К-15 или регрес за годишен одмор беше укинат изминатите децении, но актуелната влада реши да го врати прво во приватниот сектор, а потоа и во јавниот.

    Од оваа година за прв пат после две децении регрес за годишен одмор од по 10.000 денари ќе добијат и наставниците, кои добиваат плати и до 40.000 денари месечно, двојно од она што било во 2017-та. Последен пат наставниците К-15 добиле во 2000-та година, и тоа наместо пари, добиваа канти сирење, маслинки и месни производи.

    Извор: Центар.мк

    Exit mobile version