Последни написи

Фон дер Лајен: Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили во Газа

Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили во Газа во која беа сместени стотици ранети лица, нагласи денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците, додавајќи дека „треба да се утврдат сите факти“ за трагедијата.

Претседателката на ЕК, говорејќи пред Европскиот парламент во Стразбур, рече дека експлозијата, при што загинаа најмалку 200, ја претворила болницата „Ал Ахли“ во Газа во „огнен пекол“.

– Сцените од болницата „Ал Ахли“ се застрашувачки и вознемирувачки. Нема оправдување да се погоди болница полна со цивили. Треба да се утврдат сите факти, а одговорните мора да одговараат, рече Фон дер Лајен, без да ја префрли вината за нападот кон кој било во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на дебатата посветена на случувањата на Блискиот Исток, Фон дер Лајен истакна дека „теророт на Хамас ги втурна Израел и Палестина“ во нова спирала на насилство.

– Во овој трагичен час, сите ние мораме да ги удвоиме нашите напори да ги заштитиме цивилите од бесот на оваа војна, истакна претседателката на ЕК.

Таа се осврна и на, како што рече, „терористичките напади“ во Брисел и францускиот град Арас, изразувајќи при тоа сочувство до семејствата на жртвите од.

– Трагично, гледаме дека теророт повторно се појавува. Исто така, теророт не носи овде на оваа дебата. Грозоморните терористички напади на Хамас врз Израел. Она што го видовме во кибуцот Кфар Аза е чисто зло. Крвта како сведок на ужасот, изгорени куќи, оставени детски играчки, кое ниедно дете повеќе нема да ги допре. Терористите на Хамас убија над 1.400 мажи, жени, деца и бебиња од една единствена причина, затоа што тие биле Евреи или само живееле во државата Израел, рече Фон дер Лајен.

Таа го повтори претходно искажаниот став на ЕУ дека Израел има право на самоодбрана, во согласност со меѓународното право, потенцирајќи дека „Хамас се терористи“ од чии терор исто така страдаат и Палестинците.

– Ние мора да ги поддржиме. И нема противречност во солидарноста со Израел и активностите за хуманитарните потреби на Палестинците, нагласи Фон дер Лајен.

Претседателката на Еврокомисијата истакна дека при нејзината минатонеделна посета видел нација која е во шок и сите со кои разговарала побарале израз на солидарност.

– Тоа е најмалку што можеме да го направиме за народот на Израел. Овој хорор бара заеднички одговор од нас. Како луѓе, како бранители на слободниот свет, како граѓани на Европа каде омразата, теророт и расизмот немаат место. Европа стои зад Израел во овој мрачен момент.

Ова е суштинската почетна точка. И верувам дека беше важно да се пренесе оваа порака за солидарност лично, во Израел, само неколку дена по нападот на Хамас. Само ако ја признаеме болката на Израел и неговото право да се брани, ќе имаме кредибилитет да кажеме дека Израел треба да реагира како демократска земја, во согласност со меѓународното хуманитарно право. И дека е клучно да се заштитат животите на цивилите, дури и особено среде војна, потенцира Фон дер Лајен.

Според неа, не може да има двоумење околу заштитата на животите на цивилите, бидејќи Европа секогаш ќе биде на страната на човештвото и на човековите права.

Таа повтори дека Еврокомисијата донесе одлука за тројно зголемување на хуманитарната помош за цивилите во Газа и дека лансира хуманитарен воздушен мост на ЕУ до Египет за да се дистрибуира помошта до хуманитарните организации на теренот, при што уште во текот на оваа недела ќе заминат првите два авиони со хуманитарна помош од УНИЦЕФ.

– Европската Унија отсекогаш била најголемиот меѓународен донатор на Палестина. И ова нема да се промени. Но, како што ситуацијата на терен се развива, исто така е од суштинско значење итно и внимателно да ја разгледаме нашата финансиска помош за Палестина. Финансирањето на ЕУ никогаш не отишло за Хамас или на кој било терористички субјект. И никогаш нема. Она што го направи Хамас нема никаква врска со легитимните аспирации на палестинскиот народ, потенцира Фон дер Лајен.

Според неа, нападот на Хамас има големи геополитички импликации и го доведе во ризик историското зближување меѓу Израел и неговите арапски соседи, но, како што нагласи, нестабилноста може да се ограничи.

– Дијалогот меѓу Израел и неговите соседи може и мора да продолжи. Значи, ова време на војна мора да биде и време на немилосрдна дипломатија. Момент за уште поблиско ангажирање со Израел и со другите земји во регионот, рече претседателката на Еврокомисијата.

Таа се осврна и на растот на антисемитските инциденти, вклучително и во Европа, со вандализирање на синагогите и ширење на говор на омраза и лажни вести со загрижувачка брзина.

– Тоа е нешто што едноставно не можеме да го прифатиме. Наша заедничка одговорност е да се погрижиме да не се врати нашето мрачно минато. Мораме да го заштитиме еврејскиот живот во Европа. Борбата против антисемитизмот и сите злосторства од омраза ја ставивме во сржта на нашата акција, потенцира Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК истакна дека во Европа нема место за омраза, без разлика дали е онлајн или на улиците, па затоа врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ веќе е покрената истрага против платформата Икс (Х), поради непочитување обврската да се спротивстави на ширењето на терористичка пропаганда и говор на омраза.

– Исто така, обезбедиме зголемена физичка безбедност на еврејските заедници. Веќе го зголемивме финансирањето на ЕУ за заштита на местата за богослужба, како што се синагогите. И на почетокот на мандатот, предложивме да се додадат злосторствата од омраза и говорот на омраза на листата на злосторства на ЕУ, кои мора да бидат санкционирани низ нашата Унија. Овај наш предлог се уште е блокиран од некои земји членки. Но, не може да чека повеќе. Сега е време земјите членки да дејствуваат, додаде Фон дел Лајен.

Според неа, историјата на Европа е историја на различности, при што еврејските вредности и култура ги обликуваа и збогатуваат заеднички европски вредности и култура.

– И ова мора да продолжи. Европските Евреи мора да бидат слободни да носат кипа или Давидова ѕвезда на нашите улици. И да ги осветлиме нашите градови со свеќите за Ханука на прозорците. И секој Европеец мора да биде ослободен од страв. Мора да го исполниме ветувањето на Европа да бидеме обединети во различностите, да бидеме безбедно место за сите Европејци. Ова е моментот сите да се здружиме и да ги здружиме силите против теророт во сите негови форми. И да се прави она што е исправно. Да живее Европа, нагласи Фон дер Лајен на крајот од своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај