Последни написи

ЈСП без возачи, скопјани без нормален јавен превоз, Арсовска без план

Хаосот во јавниот превоз што се случува последните месеци, кулминира во последните недели, кога поради училишната и академската година, но и поради студеното време наутро, бројот на корисиници на јавниот превоз нагло се зголемува. Секојдневни се сведоштвата на граѓани, кои испраќаат фотографии и видеа од преполни автобуси, но и преполни автобуски постојки, затоа што автобусите не го почитуваат возниот ред, пишува 24инфо.мк

Често пати се случува поради пренатрупаност, автобусот да не застане на некоја од постојките туку тоа да го стори малку понатаму, за да не се качат нови патници.

Таков е случајот со сведоштвото на еден граѓанин, кој објави дека автобус на линија број 9 не застанал на автобуска постојка. 

Многумина сметаат дека причината за ваквиот хаос е фактот што возачите масовно го напуштаат ЈСП и планираат да заминат во странство.

Само минатата недела триесеттина возачи заминаа за Словенија за да полагаат КОД95 со што ќе можат да работат во земјите на ЕУ, а целта им е Германија, а тоа беше објавено и од еден од возачите во Јавното претријатие.

Но, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, под чија надлежност е ЈСП не смета дека возачи си заминуваат, туку тврди дека се вработуваат и нови.

За неа, одредени пишувања на некои медиуми за состојбите со јавниот превоз биле „свесно креирање на страв и паника“ за што најави дури и соодветени пријави.

Но освен стандардното препукување со медиумите, Арсовска која ја заокружува втората година од мандатот сè уште нема план за решавање на проблемот со јавниот превоз.

Арсовска не успеа да набави нови еколошки автобуси, а уште подалеку е реализацијата на нејзиното клучно ветување за бесплатен јавен превоз, кое постојано го пролонгира.

И додека Арсовска се одлучи какви чекори ќе преземе, граѓаните се револтирани затоа што не знаат дали и кога ќе им дојде автобусот, ниту дали навреме ќе стигнат онаму каде што тргнале.

Извор: 24инфо.мк

Latest Posts

Не пропуштај