Последни написи

Тренчевска: Пензионерите ќе бидат задоволни со финалните решенија кои ќе ги донесеме

Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во интервју за Локално.мк.

Локално.мк ја праша Тренчевска во однос на протестите од кои не се откажуваат дел од пензионерите – иако се најавени мерки, тие очигледно не ги задоволуваат желбите на поединци. Постои ли можност за остварување на нивните барања?

„Ова е транспарентна Влада која ги сослушува граѓаните, и затоа ги земаме во предвид мислењата на пензионерите кои се вклучени во протестите. Исто така ние сме и одговорна Влада, затоа ги известуваме граѓаните за тоа што влегува во рамките на возможното, а што не. Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни“, изјави Тренчевска во интервјуто.

Околу најниската пензија во земјава, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите, министерката Тренчевска истакнува дека по доставување на извештајот, Работната група продолжува со работа кон изнаоѓање на ново законско решение за минимална пензија со измени на постоечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување или нов посебен закон за минималната пензија.

Во однос на прашањето за зголемување на возраста како услов за стекнување на право на пензија, Тренчевска порачува дека во МТСП засега нема никакви конкретни дискусии и активности, но можеби би поддржала продолжување на работен однос само по желба на работникот.

Освен тоа, во интервјуто Тренчевска одговара на прашања и за почитувањето на човековите права, вклучително и оние на ЛГБТИ заедницата.

„Ако го наметнуваме како Влада почитувањето на основните човекови права како тема на јавноста, тогаш сум горда што сум дел од оваа прогресивна Влада. „Едно општество за сите“ е заложба на која посветено и гордо работиме“, вели министерката за коментарите во јавноста за „западни наметнувања“ на вредности, во однос на ЛГБТИ заедницата. Таа оценува дека Коалицијата за заштита на децата го искористија моментот и на „грбот“ на децата се промовираа во јавноста користејќи анти-родов и извртен наратив кој што нема допирна точка со вистината.

„Штета што во 21 век сè уште разговараме за тоа дали жените треба или нетреба да уживаат одредени права и штета што поставуваме имиња на организации кои мислиме дека ќе инспирираат кон подобро детство, но единствена цел и работа им е ширење на дезинформации и страв“, укажува Тренчевска за негодувањата кон предлог-законот за родова еднаквост.

Извор: Локално.мк

Latest Posts

Не пропуштај