Последни написи

Што ценеше Апелација кај Горде, затворското поведение или „тефтерчето“?

Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Пак не штракна од земја Апелацискиот суд со прифаќањето на жалбата од Гордана Јанкулоска и отпуштањето од затвор од 1 ноември. Си поигрува Апелација и вели ќе имала Горде условен отпуст до 28 септември в година ако. пази ваму, не стори ново кривично дело.

Го читав образложението од Апелација.

Солзи ми навираат.

Ни мачка очи Кривичниот совет со цели фермани образложение па вели: „Судот ги ценеше личните прилики на осудената, особено околноста дека осудената е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување“.

Како Апелација ги ценеше солзите на ќерката на Велија Рамковски лишена од мајчинска грижа за нејзиното дете при издржувањето на монтираната од Горде и тефтерашите затворска казна, не се спомнуваат во образложението.

Понатаму велат „ценејќи ги предвид податоците од Установата каде осудената ја издржува казната затвор, со оглед дека осудената ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, истата се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања, имала развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесувањето и било во склад со општествените норми“.

Горде, велат, почитувала куќен ред и се вклопила во домската средина и не била насилна и конфликтна.

Аплауз, ве молам!

Мислам дека не беа насилни и конфликтни ни човечињата што ги молкнеше од Пустец, оние нели на кои им штанцаше лични карти кои се држеа за рачиња и гласаа во Центар по стопати. Сместени 40 човечињата на иста адреса од двособен стан. И тие, нели, се вклопија идеално во домската средина, преки суде. Мислам дека Горде имаше и „развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесување во склад со општествените норми“ и кога ги вадеше „еден по еден циганите за уши“ да гласаат.

Па додава прекиот суд: „во досегашниот издржан дел од казната во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала истиот и имала примерно поведение, а воедно и коректен однос кон службените лица“.

Коректен однос кон службените лица имаше Горде и во штабот на ВМРО-МВРО како што си го викаше Министерството за внатрешни работи кое за време на избори било претворено во партиски штаб. И тука нели се почитувал „куќниот ред“ на установата. Коректен однос имаше и кога монтираше Горде сценарија со Миле за да се задржат луѓе на аеродромите за да не стигнат на гласање. Кога исклучуваа лифтови за да не можат постари лица да се симнат и појдат до гласачко место, исто така Горде тогаш почитуваше куќен ред.

Осудената, вели Апелација, била „работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата, што упатува дека осудената се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела“.

Алелуја!

Да се чуди човек зошто при два дена отсуство од затвор цел ден потроши кај Мицко во белата палата за да му даде поддршка. Она, баш неколку месеци пред претседателските и парламентарни избори. Таман време да ги обучи на сите финтици мицковите слепци непрокопсани како да манипулираат со гласачите и како да злоупотребуваат сè што можат. Никако нема да го искористи тефтерчето на врбувани судии и кој ти знае колку вмровски службеници во судовите и обинителствата. Никако!

А „тефтерчето“? Па нели го чувте нејзиниот сопруг и адвокат како вели – „тефтерчето е преувеличено“.

Баш би сакал да ја видам Горде, рамо до рамо до Мицкоски како носител на изборна листа во Скопје. За инает на скептиците и мразачите.

Да ѝ верувате на збор драги мои „добро ќе се однесува и нема да врши кривични дела“.

Па тоа е Горде од Миле другарката и од Грујо измеќарката, што сака да гледа филмови со Хју Грант.

Што може таа кутра жена лошо да направи?

Не бидете злобни, ве молам.

Извор: Фронтлајн.мк

Latest Posts

Не пропуштај