Последни написи

Дали МВР ги прифаќа дигиталните имотни листови од Катастарот при барања на граѓаните за промена на адреса?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ и МЕРИТОН ТУША

На онлајн платформата #Деполаризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество “, во рубриката „Твојата приказна“, граѓаните пишуваат за нивните искуства при контактот со разни државни институции до кои се обраќаат за остварување на нивните потреби.

Во една од приказните, граѓанин од Скопје укажува дека службите во Министерството за внатрешни работи не му прифатиле имотен лист изваден дигитално од веб-страницата на Катастарот на кој има дигитален потпис од оваа институција, за да изврши промена на адресата.

„Имотен лист изваден дигитално на страница на Катастар не ми го прифаќаат за менување адреса во МВР. А има дигитален потпис од Катастар. Верувале во печат. “, пишува граѓанинот во рубриката „Твоја приказна“ на онлајн платформата „Деполаризирај се“.

Во врска со укажаниот проблем, Институтот за медиуми и аналитика ИМА се  обрати до службата за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи со следниве прашања:

  • Каква е процедурата во вакви случаи и дали МВР прифаќа дигитално издадени документи од други државни институции или не?
  • Доколку документи од други државни институции во дигитална форма не се прифаќаат, дали и какви мерки презема МВР за да се реши овој проблем, во рамки на процесот на дигитализација на државните институции?

Од МВР, пак, ни одговорија дека Одделението за управни работи Скопје ги прифаќа сите имотни листови издадени од Катастарот.

„Во врска со Вашето барање, Ве известуваме дека Одделението за управни работи Скопје ги прифаќа сите имотни листови издадени од страна на Катастар. Доколку има било каков проблем, Ве молиме да ни доставите контакт од странката за решавање на проблемот“, се вели во одговорот од МВР доставен до ИМА.

Инаку, ИМА како дел од активностите на проектот #ДеполаризирајСе, во јуни 2023 година реализираше интервју со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој во однос на дигитализацијата најави дека МВР подготвува нови сервиси коишто ќе можат да ги употребуваат граѓаните.

„Сакам да истакнам дека веќе започнавме и размена на електронски податоци помеѓу институциите, на пример, помеѓу Министерството за внатрешни работи и судовите. И како институција сме отворени за да овој процес на размена на податоци биде олеснет, а на тој начин ќе биде и административно многу полесно за граѓаните. Да не мора да вадат одредени изводи, одредени уверенија, итн., потврди, туку институциите да си ги разменуваат по електронски пат. На тој начин, ќе се заштеди и време, и финансии за граѓаните, и тоа е нашата стратегија и цел кон која се движиме понатаму“, информираше Спасовски во интервјуто.

Во однос на создавање дигиталните услуги, во јуни 2023 година ИМА разговараше и со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој тогаш изјави дека сега интензивно работат за до крајот на годината да имаме 150 дигитализирани услуги во нашата земја.

„Вие знаете дека преку дигитализација го подобруваме и квалитетот и оптимизацијата на услугите. Така што, на крајот на денот, граѓаните ќе имаат подобра и по оптимална услуга“, истакна Алиу во интервјуто за ИМА и платформата „Деполаризирајсе“.

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас

Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации

 

Latest Posts

Не пропуштај