More

    “Ние сме Европа“, во Тетово, Маричиќ: Членството во ЕУ – нови работни места за младите, поддршка на старт-апи и стратешки партнерства

    „Инвестициите кои со членството во ЕУ ќе растат ќе значат нови работни места за младите. Поддршката на нови старт-ап бизниси и стратешки партнерства се отвораат како можности. Патот на преговорите за членство во ЕУ со себе носи низа придобивки за младите како што се дополнителни мерки за мобилност“, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Тетово.

    Маричиќ посочи и дека програмата Еразмус овозможува размена на контакти, знаења и идеи на младите со нивните врсници од регионот и од ЕУ.

    „Младинските организации велат дека програмата прави чуда од животите на младите – токму така, Еразмус е програма која ги менува животите на нашите млади на подобро“, кажа Маричиќ.

    Тој додаде дека изминатите пет години се преземени многу мерки за стандардот и за образованието на младите.

    „Северна Македонија е првата земја надвор од ЕУ којашто ја усвои и успешно ја применува мерката ‘Гаранција за млади’. Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во ‘Гаранцијата за млади’. Речиси 40% од учесниците во ‘Гаранција за млади’ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство“, посочи Маричиќ во неговото обраќање на трибината „Ние сме Европа“ во Тетово, која е дел од кампањата и настаните што се организираа изминативе денови во повеќе градови низ земјава.

    Р.С

    Exit mobile version