Последни написи

Засилени активностите на Владата и институциите за решавање на деценискиот проблем со лицата без документи

Со донесувањето на измените на законите за престојувалиште и живеалиште и за лична карта, се отвори пат за целосно решавање на проблемот со лицата без државјанство во Република Северна Македонија. Овие лица, поради непоседување на имот и неможноста да обезбедат докази за сопственост на имот или договор за закуп, практично остануваа без пријавена адреса за живеење, а со тоа и без лична карта.

Со новите измени во Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште, се уредува начинот на кој што лице бездомник може да пријави адреса – живеалиште во Центарот за социјална работa и се дава можност бездомникот да ја пријави за адреса – живеалиштето на физичко лице кое се согласило да ја даде својата адреса.

Воедно, покрај сопственост и закуп  со измените се додава и можноста живеалиштето да се пријави и со: договор за послуга, договор за доживотна издршка, писмена потврда издадена од општината, со која се потврдува постоење на бесправно изграден објект за живеење.

Во јуни 2023, Собранието ги усвои и измените на Законот за матична евиденција и се овозможи секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство. Според овие измени, секое дете родено на територијата на земјава има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители, стои во еден од членовите на Законот за матична евиденција.

По овие измени, Министерството за внатрешни работи додели државјанство на 290 лица без државјанство.

Управата за водење на матични книги (УВМК) во соработка со Министерството за правда, МВР, Министерството за труд и социјална политика, советникот за инклузија на Роми во Кабинетот на претседателот на Владата и граѓанскиот сектор (Институт за истражување и политики Ромалитико), кои работеа директно на терен со неевидентираните лица во матичните книги, за период од 2 месеци по донесувањето на измените на законот, решија 310 предмети на лица, кои добија извод од матичната книга на родените.

Р.С

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Latest Posts

Не пропуштај