More

    ВО ВИСТИНСКО ВРЕМЕ: Белешки за македонскиот конституционализам: Концепт на Уставот од 1991- нова книга од проф. Љубомир Фрчкоски

    Излезе новата книга на универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, „Белешки за македонскиот конституционализам – концепт на Уставот од 1991“, во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

    „Може да се каже дека ова е книга на која се чекаше 30-тина години. Книга која Фрчкоски, како пишувач на Уставот од 1991, на некој начин, ѝ ја должеше на стручната, политичка и интелектуална јавност во Македонија“, велат од ЦИВИЛ.

    Оваа мала, но исклучително густа материја, концентрирана на 70-тина страници, ги открива концептите кои го инспирираа и на кои се засноваше пишувањето на Уставот од 1991 и истовремено ја чуваат, така да се каже, тајната на неговата жилава долговечност за приликите на Македонската транзиција.

    Во Македонија, како што вели авторот, се изменија сите нормативни рамки и закони, буквално сè.

    „Единствен акт кој концепциски и чија правна архитектура не се промени (и покрај осум амандмански измени) е Уставот“, вели проф. Фрчкоски и заклучува дека нема друг акт кој „почесно“, појасно и подобро им служел на своите граѓани и државата од Уставот од 1991 година.

    „Како и секогаш со неговите текстови Фрчкоски остава без здив со интелектуалната сила и аргументацијата на тезите кои ги брани. Уживајте!“, пишува на задната корица од оваа книга.

    Книгата е објавена во печатена форма, но може да се чита и онлајн, на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

    КОНЦЕПТ НА УСТАВОТ ОД 1991

    БЕЛЕШКИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ КОНСТИТУЦИОНАЛИЗАМ

     

    проф. д-р Љубомир Фрчкоски

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version