Предлог-законот за амнестија влезе во собраниска процедура со скратена постапка и е веќе доставен до пратениците, но кога ќе се најде на дневен ред за разгледување од Собранието, не се знае сè уште. Доколку ова законско решение биде усвоено, 286 лица ќе добијат целосно ослободување, а делумно укинување на казните ќе добијат 960 лица.
Предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции, изјави денеска премиерот Ковачевски пред новинарите при денешната посета на објектот „Парк“, дел од градинката „13 Ноември“ во Општина Центар.
„Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот”, посочи Ковачевски пред новинарите.
Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, при гостување на ТВ Сител вечерва повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Законот за амнестија, и дека ако власта го стави со европско знаме, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти Собранието.
„Не гледам што е европска вредност да амнестирате криминалци кои се осудени за перење пари, за насилство, да амнестирате луѓе кои помагале во најгрозоморниот чин во последната историја на Македонија, а тоа е убиството кај Смилковското езеро. Ако се случи да дојде тој закон со европско знаме ќе излеземе надвор од Парламентот и ќе побарам поддршка и од Извршниот и Централниот комитет да застанат позади оваа одлука“, истакна Мицкоски.
Пратеникот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми денес на прес-конференција изјави дека како партија го поддржуваат Предлог-законот за амнестија, и дека сите координатори на пратеничките групи биле запознаени со предлогот.
„Пред да се усвои во Владата, од Министерството за правда ни го споделија драфтот до сите координатори на пратеничките групи. Однапред бевме известени за содржината на Предлог-законот за амнестија. Тоа е вистината. И на средбата со сите координатори што ја одржа министерот Лога исто така не извести за интенцијата на Министерството за правда водејќи се од реалната ситуација. Ги знаеме условите во затворите и затоа мислам дека интенцијата е добра. Треба сите да се грижиме за похумани услови во овие установи така што Демократската унија за интеграција го поддржува овој Предлог-закон“, изјави Адеми.
Од друга страна, според Ели Панова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, која гостуваше утрово во Студио 10 на ТВ24, Владата нема единствен став по овој закон, бидејќи премиерот Ковачевски рекол дека ќе поднесува амандмани, Оливер Спасовски рекол дека е против, а министерот Лога, според пратеничката Панова, е решен да законот помине бидејќи го ветил на поединци.
„Судбината на истиот не се знае, но едно е јасно ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира тоа е закон да амнестира криминал во државата. Тоа за ВМРО-ДПМНЕ е недозволиво“, истакна Панова во гостувањето на ТВ24.
Панова се спротивстави на аргументацијата на власта дека законот се носи поради пренатрупаноста на затворите. „За какво растеретување станува збор кога законот вели дека се однесува и на оние кои не почнале со издржување на казна затвор. Како ќе се подобрат условите ако во моментот чекаат да влезат во затвор 2000 луѓе, а ќе излезат околу 280 луѓе согласно ова законско решение. Пробацијата во Македонија воопшто не функционира, и ако сакаше министерот да растеретува затвори требаше да работи на тоа да профункционира системот на пробација“, изјави Панова.
Инаку, по најавите од СДСМ за амандман кој би спречил излегување на слобода на осудените за случајот „Монструм“, од владејачкиот коалициски партнер Алијанса за Албанците, чиј кадар е министерот за правда Кренар Лога, како што пренесуваат медиумите, немале ништо против предлагање на таков амандман.
Р.С