More

    Мицковски заборава: Граѓаните повеќе пати изгласаа промена на таквите како него

    ЏАБИР ДЕРАЛА

    Мицковски тргна во акција! Важно е, вели, од тебе зависат промените. И реди црнила, како и вообичаено. Сите се на колена, мака, смрт, криминалци, измамници… Трагедија.

    И бара 61 пратеник, небаре изборите се утре. Неговото барање звучи како ехо на предизборните пораки во минатото. Со таа разлика што изборите се далеку. Но не и за Мицковски – тој живее со предизборна треска веќе седум години.

    Овој политички „Магелан“ открива дека промените зависат од луѓето. „Важно е“ и „промени“ се клучните зборови во неговата порака.

    Но во сета своја егзалтација, Мицковски заборава нешто многу важно: Граѓаните повеќе пати изгласаа промена на таквите како него.

    Со други зборови, овој политичар не застанува пред ништо, обземен од амбицијата да седне на тронот на власта. Живее во некој сопствен свет, во кој сѐ е мрачно, а „месија“ може да биде тој и само тој.

    И сето тоа, со неговата нова „акција“ и невротично повторување дека нешто е „важно“ е толку лошо изведено, што веќе не е ни смешно, туку станува некако – жално.

    Мицковски „заборава“ уште еден важен факт. На луѓето им се потребни демократија, безбедност и членство во ЕУ. Но тоа, не само што не му е важно на Мицковски и компанија, туку се токму состојбите на општеството и државата против кои тој се бори со сите сили и средства што им се ставени на располагање. Стремежите за демократија, безбедност и членство во ЕУ ја прават нивната појава – бесмислена. Најблаго речено. Запад за нив е мрак, нивните погледи се свртени на спротивната страна од светот.

    Качен на платото на сопственото его, копјаникот Мицковски јава на штрбавиот коњ во поход да одбрани нешто што веќе е одбрането, заштитено и запечатено – македонските национални интереси.

    Што прави Мицковски, заедно со масивната антидемократска и антизападна машинерија зад него?

    Го храни национализмот и внесува раздор. Стравот и омразата се неговата муниција со кои тој, преку влијанието во медиумите (почнувајќи од јавниот сервис МРТВ), деноноќно ја бомбардира македонската јавност. Зад сите големи зборови и патетика што ги употребува овој радикален политичар, не е тешко да се забележи неговата лична амбиција.

    Тој не е сам. Но далеку е од спокоен. Опкружен е со ликови кои му се многу слични. И онака како што се обиде да му зарие нож на својот креатор и ментор, бегалецот од правдата во Будимпешта, и зад неговиот грб се острат ножеви. Такви се тие структури, нема ништо чудно во тоа.

    Нему и на неговите компањони не им се важни јавните интереси, туку можноста да ја зграпчат власта и да се збогатат. Ништо повеќе. Сепак, колку и да се трудат, тие не можат да ги прикријат неспособноста, фрустрациите и комплексите. Користат сѐ што е дозволено и недозволено во политиката и јавната комуникација, поаѓајќи од личните интереси. Нивната „важна мисија“ завршува каде што и започнува – жед за пари и моќ.


    Текстот е личен став на Авторот.

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version