More

    Алхамбра – последната тврдина на патот пред новата стратегија за проширување на ЕУ

     Очигледно е дека ЕУ не губи време и започна да ги прави реформите за новото проширување и апсорпционата моќ на унијата. Алхамбра најверојатно „ќе падне“, но она што е поважно за нас е да падне отпорот на опозицијата и да запре блокирањето на процесот за нашето членство во ЕУ. Секоја друга постапка е спротивна на државните интереси и анти-европска.

    Зоран БОЈАРОВСКИ

    Тврдината Алхамбра во Гранада утре и во четврток ќе биде местото на кое се најавува нов историски настан со кој треба да се потврди новото проширување на Европската Унија во 30+ земји членки.

    Иако во Гранада ќе се разговара за многу други прашања, проширувањето и мигрантската политика на ЕУ и на земјите членки се двете доминантни теми. Заради актуелната изострена мигрантска криза, новинарите и аналитичарите велат дека таа тема се чини си го зазема приоритетното место.

    Тоа останува да се види затоа што сепак во писмото со покана на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, проширувањето на ЕУ зазема најголема простор

    „Гранада е време да погледнеме наназад и критички да го оцениме напредокот во зајакнувањето на нашиот европски суверенитет, да ги идентификуваме нашите достигнувања, како и областите кои сè уште бараат наша политичка акција“, напиша Мишел, потсетувајќи дека овие дискусии беа, на голем начин, под влијание на Руска агресија врз Украина.

    Во двата дена 5-ти и 6-ти октомври во Гранада во календарот на учесниците практично се запишани два големи настани. На 5-ти октомври ќе се одржи третиот самит на Европската политичка заедница, меѓувладин форум што ги опфаќа сите европски земји, освен Белорусија и Русија, започнат минатата година.

    На 6-ти октомври, пак, за нас, од големо значење е неформалниот Самит на ЕУ на кој како дел од  стратешката агенда ќе се разговара за иднината на проширената Европска унија.

    Главен документ на кој ќе се потпира дебатата во Гранада на оваа тема е извештајот на германско-француската работна група за институционални реформи на ЕУ. Овие денови е откриено дека работната група на овој документ работела од јануари оваа година, а за негова цел била поставена тезата што треба да направи ЕУ за да биде подготвена за проширување до 2030 година.

    Централната препораката на експертите во извештајот насловен „Пловење на отворено море: реформирање и проширување на ЕУ за 21 век“ е дека е „важно владите да одлучат да го започнат процесот без понатамошно одлагање. Некои реформи може да се спроведат на краток рок без промена на договорот во првата фаза од есента 2023 година и пред европските избори во 2024 година. Реформите кои бараат промена на договорите треба да се решат во текот на следниот институционален циклус (2024-2929)“.

    Управување со процесот на проширување

    Во делот за проширувањето на ЕУ, извештајот потврдува дека неодамнешната реформа на процесот на проширување (во 2020 година, можеби имаше влијание на техничко ниво, но не создаде силен политички моментум во рамките на политиките за проширување на ЕУ.

    „За да го врати кредибилитетот, ЕУ треба да постави цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, а кандидатите за пристап треба да работат на исполнување на критериумите за пристап во ЕУ на овој најран датум за влез… Новото политичко раководство по европските избори во 2024 година треба целосно да се посвети на оваа цел и на реформскиот процес потребен за да се постигне тоа“, се наведува во извештајот.

    Втората препорака е да се поделат рундите за пристап во помали групи земји, така наречените „регати“, во целосна согласност со пристапот заснован на заслуги и имајќи ги предвид потенцијалните билатерални конфликти.

    Сепак, се додава дека, доколку добро се управува, процесот на пристапување може да биде средство за намалување на тензиите и решавање на конфликтите меѓу земјите кандидати и затоа треба да се гледа во оваа светлина.

    Извештајот, исто така, предлага ЕУ да обезбеди поголема техничка помош за да се забрзаат домашните реформи и да се зголеми административниот и капацитетот за апсорпција и дека демократскиот легитимитет во текот на целиот процес треба да се охрабрува преку редовен дијалог меѓу Европскиот Парламент и националните парламенти на двете земји-членки и земјите кандидати. .

    Другите принципи на проширување вклучуваат еднаквост – отфрлање на брзо следење на одредени земји кандидати – како и постепено вклучување на земјите-кандидати во политиките на ЕУ и реверзибилност доколку некоја земја доживува назадување на критериумите за учество.

    Институциите на ЕУ треба да се подготват за проширувањето

    Според делот од извештајот со наслов „Подготвување на проширувањето на институциите на ЕУ“, влезот на до 10 нови земји-членки масовно ќе го промени составот, составот и процесите на донесување одлуки во сите институции. Затоа, ќе треба да се случат институционални реформи за да се подготви проширувањето на ЕУ.

    Извештајот препорачува да се држиме до лимитот од 751 или помалку пратеници во Европскиот парламент. Кога станува збор за Советот на Европската унија, во извештајот се препорачува и реформа во претседавањето со Советот.

    Меѓу позначајните реформи е оној кој ќе се однесува на процесот на ефикасно одлучување и на правилата за гласање во Советот.

    „Пред следното проширување, сите преостанати политички одлуки треба да се префрлат од едногласност на гласање со квалификувано мнозинство. Дополнително, освен во Заедничката надворешна и безбедносна политика, ова треба да биде придружено со целосно соодлучување со Европскиот парламент“, се предлага во извештајот.

    Откако беше објавен во целост документот на француско-германската експертска група, стана појасено за потврдувањето на секое поглавје од преговорите треба да се прифати гласање со квалификувано мнозинство, но за конечната ратификација на договорот за пристапување ќе остане едногласното одлучување.

    „Пред следното проширување, сите преостанати политички одлуки треба да се префрлат од едногласност на гласање со квалификувано мнозинство. Дополнително, освен во Заедничката надворешна и безбедносна политика, ова треба да биде придружено со целосно соодлучување со Европскиот парламент“, се предлага во извештајот на француско-германската експертска група

    Идната интеграција во ЕУ во четири различни нивоа

    Според извештајот, не сите европски држави ќе бидат подготвени и/или способни да се приклучат на ЕУ во догледна иднина, па дури и некои сегашни земји-членки може да претпочитаат полабави форми на интеграција. Затоа, експертите препорачуваат иднината на европската интеграција да се замисли во четри различни нивоа, секој со различен баланс на права и обврски.

    Внатрешниот круг би бил составен од земјите кои сакаат да учествуваат во форми на подлабока интеграција. Вториот круг, ЕУ, би бил составен од сите сегашни и идни земји-членки кои работат според сегашните надлежности на Унијата.

    Првото надворешно ниво – придружните членки – би можело да овозможи рационализирање на различните форми на здружување со земјите од Европската економска заедница, Швајцарија, па дури и со Велика Британија, се наведува во извештајот. Основна област на учество би била единствениот пазар.

    Второто надворешно ниво нема да вклучува каква било форма на интеграција со обврзувачките закони на ЕУ или специфичните барања за владеење на правото и нема да дозволи пристап до единствениот пазар. Наместо тоа, тој би се фокусирал на геополитичка конвергенција и политичка соработка во политички области од взаемно значење и релевантност, како што се безбедноста, енергијата или животната средина и климатската политика итн.

    Шарл Мишел: 2030 за да нема повеќе одлагања или одоловлекувања

    Дебатата на неформалниот самит во Гранада треба да ги постави контурите за големите одлуки за реформи на ЕУ во однос на проширувањето, кои, пак, треба да се искристализираат на редовниот Самитот на ЕУ во декември.

    Пред да замине за Шпанија, претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел изјави дека на декемврискиот самит очекува одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели.

    – Од Европскиот совет ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса, нагласи Мишел, додавајќи дека самиот факт што на неформалниот Самит на Унијата в петок во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“.

    Во однос на неговата изјава во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ, Мишел потенцира: „Останувам на оваа цел и овој рок. Тоа им е јасно на сите. Зошто е важен овој датум? Затоа што тоа е јасен поттик за сите нас да се подготвиме и да ги забрзаме нашите напори. Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки“.

    Очигледно е дека ЕУ не губи време и започна да ги прави реформите за новото проширување и апсопционата моќ на унијата. Она што е поважно за нас е дали опозицијата ќе ги прочита овие пораки за го запре блокирањето на процесот за нашето членство во ЕУ. Секоја друга постапка е спротивна на државните интереси и анти-европска.

    Извор: Рацин

     

    Exit mobile version