Последни написи

(ВИДЕО) Терористички напад пред турското МВР во Анкара

Турскиот министер за внатрешни работи изјави дека бомбаш самоубиец денеска активирал експлозив во близина на неговото министерство во Анкара, додека вториот напаѓач бил убиен во престрелка со полицијата, објави Еуроњуз.

„Двајца терористи пристигнаа со автомобил околу 9.30 часот (6.30 часот по Гринич) пред влезната капија на Генералната дирекција за безбедност на нашето МВР и извршија бомбашки напад“, истакна Али Јерликаја, додавајќи дека двајца полицајци се повредени.

 

„Еден од терористите се разнесе, а другиот беше убиен од полициските сили. Двајца наши полицајци се полесно повредени“ од пламенот предизвикан од експлозијата, соопшти Министерството на платформата X.

Засега нема информации за напаѓачите. Курдските и екстремно левичарските милитантни групи, како и групата Исламска држава, во минатото извршија смртоносни напади низ целата земја.

Во оваа област се наоѓаат многу министерства и Парламентот, кој треба да ја отвори својата нова работна седница подоцна денеска и на која требаше да се обрати шефот на државата Реџеп Тајип Ердоган, јавуваат турските медиуми.

Приватниот телевизиски канал НТВ објави снимки на кои се слушаат истрели во областа, што е целосно затворена и каде се распоредени бројни полициски возила и амбулантни возила.

На телевизиските снимки се гледа како специјални единици за деактивирање на експлозивни направи работат во близина на паркирано возило во областа.

Двајцата полицајци се пренесени в болница и не се наоѓаат во тешка состојба, јавуваат медиумите.

 

Г. Т.

Извор: Цивилмедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај