More

    Дачиќ ja призна дезинформацијата, згрешил кога рекол дека видеото од Бањска е постаро и се гледа снег

    Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ денеска призна дека згрешил кога за видеото што го објавија косовските власти од нападот во Бањска на кое се гледа Милан Радоичиќ, рекол дека се гледа и снег и дека не е видео од тој ден.

    Дачиќ за српската Телвизија Прва, како што пренесува N1, изјавил дека тоа е негова грешка и дека не сака никому да наштети или да оправда некого. „„Некој ми рече дека е постара снимка, не проверив“, се правдал Дачиќ.

    Тој рече дека е важно сите да бидат свесни дека настаните во Бањска се една од најтешките ситуации од 2004 година, дека Србите се изложени на, како што вели „теророт на косовскиот премиер Албин Курти“, и дека дел од меѓународната заедницата сака да ја префрли одговорноста само на Белград.

    Дачиќ смета дека Курти нема да го спроведе Бриселскиот договор и дека тој е единствениот виновен за ова што се случува. Дачиќ повторил дека бројот на припадниците на српските вооружени сили на границата со Косово се намалува.

    По инцидентот во Бањска, Косово, во кој српска паравоена група уби косовски полицаец, а по што следуваше акција на косовската полиција во која загинаа неколку припадници на групата по што дел од неа избега а дел беа уапсени, американските власти предупредија дека Србија трупа војска на границата со Косово и ги повикаа властите во Белград да ги повлечат силите.

    Р.С

    Exit mobile version