More

    Богоев: Со „боди камери“ и ПИ мерки Царината влегува во борба против шверцот, криминалот и корупцијата

    Директорот на Царинската управа Стефан Богоев во интервју за „Фронтлајн“, говори за новините и реформите што се преземаат со што Царината ќе стане поефикасна во борбата со криминалот и корупцијата и со тоа ќе го подобри имиџот на оваа важна државна институција.

    – Од прв ден се залагаме за поголема ефикасност на Царината и борбата со корупцијата, но тоа е процес долг и мачен вкоренет повеќе од три децении, вели Богоев, но уверен е дека резултати ќе има и тоа граѓаните ќе го видат, а особено стопанските субјекти кои работат увоз и извоз и кои имаат директна соработка со Царинската управа.

    „Во моментов го доекипираме тимот од секторот за посебни истражни мерки што подразбира следење на комуникацијата и физичко следење. Тоа Царинската управа го има како законска можност, дури имаме и опрема од пред неколку години која не е ставена во функција, но сега ќе биде целосно употребена, а дополнително разговараме и со дел од нашите меѓународни партнери  за набавка на „боди камери“ кои ќе бидат на униформите на царинските службеници на граничните премини. Со ставањето во функција на секторот за ПИ мерки, боди камерите и системот на паметни камери, чија набавка е во завршна фаза, мислам дека многу ќе помогнат во борбата против организираниот криминал, шверцот и корупцијата. Покрај ова секако успешно функционира и одделот за разузнавање кој преку свои канали пресретнува информации по кои потоа постапуваме“, истакнува Богоев.

    Тој верува дека со ова ќе се зголемиме и транспарентноста и на тој начин ќе се подобри имиџот на Царината кој, како што вели, „во јавноста со право или не, низ годините станал лош“.

    Директорот на Царината смета дека таа целосно е во служба на стопанството.

    „Има компании кои се задоволни од соработката со царинската управа. Овде се спроведени чекори и реформи кои се во интерес на компаниите. Иницијативата Отворен Балкан, има за цел да ги направи нашите компании поконкурентни на меѓународните пазари и тоа во добар дел е успеано, со „уан-стоп-шоп“ премини со една гранична контрола“, нагласува Богоев.

     

     

    „Продолжуваме со една иницијатива признавање на т.н. кантарски белешки со Србија што значи – при влез кај нас од Србија или влез во Србија а излез од кај нас, товарните возила да има едно мерење на вагата. Ако мерела македонска царина, таа белешка е прифатлива и за Србија и обратно. Така камионот нема да оди дват пати на мерење со што се заштедува време за превозниците и за увозниците и за увозниците. Од друга страна работиме на развивање и на новиот едношалтерски систем. Тие што се занимаваат со оваа проблематика го знаат „ексим ситемот“ кој постои и вклучува 16 институции за размена на податоци. Сега го разгледуваме „њу сингл виндоу“ нов едношалтерски национален систем кој ќе овозможи на едно место компаниите да ги вадат сите дозволи што им се потребни“, истакнува Богоев.

    Што се однесува до усогласеноста со европското законодавство, првиот човек на Царината смета дека во добар дел сме усогласени.

    „Сега го развиваме транзитниот систем на Царинската управа кој во неговата петта фаза следната година, комплетно е усогласен со европската регулатива. Тоа значи дека можете да отворите транзитна постапка тука, а да ја затвориме на пример во Германија.

    Се надевам до 2030 година македонско косовската граница да биде граница на ЕУ и тогаш ние ќе треба да ја штитиме границата на ЕУ, затоа што Косово е поназад во процесот на интегрирање во Унијата“, вели Стефан Богоев.

    Со оглед дека тој е и потпретседател на СДСМ, Богоев во интервјуто говореше и за обединувањето во државата.

    Вели, 30 години зборуваме за обединување, но не сме го виделе тоа освен при успесите на полето на спортот или музиката.  Време е да се обединиме за нешто суштински важно за државата како што е целта 2030 година да станеме членка на ЕУ.

    „Пораката за обединување беше најконкретно упатена до Мицкоски, но тој ја одби. Сега веќе се обраќаме до поединци, до пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои имаат обврска не само кон лидерот кој се однесува лукративно, туку кон граѓаните кои ги избрале и гласале за нив. Тие граѓани недвосмислено бараат да бидеме членка а ЕУ“, потенцира Стефан Богоев во интервјуто за „Фронтлајн.

    Разговорот го водеше: Љубиша Николовски

    Камера и монтажа: Ариан Мехмети

    Фотографија: Ангел Ангеловски

     

    Извор: Фронтлајн.мк

    Exit mobile version