Последни написи

Новинарството го откри „канцерот“ во здравството

Дали постои истражувачко новинарство во Северна Македонија? Дали е само за храбрите? Кој го финансира? Зошто медиумите во земјата не успеваат соодветно да го развијат овој тип на новинарство? Како два медиуми успеаја да откријат скандалозни податоци кои ги докажуваат аномалиите на здравствениот систем во земјава? Да не беа медиумите, ќе се разоткриеше ли скандалот во Онкологија? Како да се поддржи истражувачкото новинарство?

Пишува: АРТА ТАХИРИ

Изминативе денови бевме сведоци на објавување на две медиумски истражувања, кои се фокусираа на јавниот интерес. Првoто беше насловено „Убиство во Тетово“ – сублимирано истражување на медиумската организација Истражувачка репортерска лабораторија, во јавноста позната како ИРЛ. Го извади на виделина потфрлањето на институциите во расветлување на смртта на 14 лица, како резултат од пожарот во Модуларната болница во Тетово изградена за време на пандемијата со вирусот Ковид 19. Професионална работа, која беше вреднувана од медиумската заедница и адресираше конкретна одговорност кај субјекти и поединци.

Второто истражување – на телевизија Алсат, на неделникот „Фокус“, но и „Слободен печат“ – е застрашувачко. Ова истражување, за разлика од она на ИРЛ, кое покажа како институционалното невнимание предизвикало загубени 14 човечки животи, покажува како лица што носат бели мантили, кои положиле Хипократова заклетва, ги продавале лековите наменети за болните од рак!

Ужас, тешка, тажна вест! Како ќе им кажеме на нашите деца да останат во земјава, кога те убива системот кој треба да се грижи за здравјето на луѓето!? На најбизарен, најнечовечен можен начин! Овие несовесни и неодговорни злоупотребувачи, како ли се чувствуваат сега кога е откриено дека сториле кривично дело што може да се окарактеризира како убиство со умисла? Помислуваат ли како се чувствуваат членовите на семејствата на оние кои не можеа да ја преживеат оваа убиствена болест? Може да се постават и многу други прашања, но кога ќе помислите дека овие луѓе го направиле овој грозоморен чин, јасен е заклучокот дека немаат ниту совест ниту етика!

Попусто беа и политичките реакции во стилот „алармиравме за овој проблем уште пред неколку години “, бидејќи доколку овие реакции не биле адресирани институционално, остануваат само за медиумите или објавени на социјалните мрежи, но без ефект или правен епилог, односно без да се изведат виновниците пред лицето на правдата. Тоа значи дека политичките реакции останаа на Фејсбук и порталите, додека истражувањата на медиумите го испитаа длабоко и го разоткрија и алармираат проблемот со злоупотреба на лековите против рак.

Исти беа и реакциите на некои политичари и поранешни политичари дека „Ракот во здравството сведочи за ракот во општеството“, бидејќи ова што се случи е и нивна „заслуга“, на уништување на институциите со децении. На крајот на краиштата, тоа е последица на сите општествени фактори, но секако без ставање знак на еднаквост со оние кои имаа извршна институционална одговорност кога било извршено ова монструозно злосторство, кое наликува на сценаријата од медицински крими-филмови.

Затоа треба да се поддржат колегите новинари, кои и покрај тешките економски услови во медиумите во земјата, се охрабруваат и истражуваат чувствителни прашања. Се разбира, не се негира трудот на оние кои својата истражувачка работа ја темелат на финансирање од разни меѓународни фондации и организации. Но, сигурно е дека им е полесно за разлика од новинарите во медиуми што работат со свои финансии. Затоа, почит за исклучоците.

Ова и од причина што финансискиот потенцијал на медиумите е недоволен, бидејќи рекламирањето во традиционалните медиуми исто така значително се намалува, а овие фактори влијаат на развојот на истражувачкото новинарство. Новинарство, кое истражува прашања од областа на корупцијата и организираниот криминал, каде што може да бидат вклучени луѓе со голема политичка моќ или политичари, луѓе со економска моќ или бизнисмени (олигарси), кои мислат дека со пари може да се купат и медиуми и новинари. Не се ретки случаите новинарите ги следат дејствијата на подземјето или мафијата, а тоа само по себе претставува опасност. Затоа велиме дека новинарството е професија за храбрите, а не за плашливите.

На овој вид новинарство не му се потребни само признанија, туку и поддршка! Прво, потребна е професионална солидарност, односно колегијална, но и од организациите на новинарите и медиумските работници. Потребна е поддршка и од вас почитувани граѓани, од вас почитувана јавност, бидејќи само така, со меѓусебна соработка, ќе се оживотвори јавниот интерес.

(Авторката е уредник на вести во ТВ Алсат)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските и другите експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.

Latest Posts

Не пропуштај