Последни написи

Утре на Стенковец голем аеромитинг по повод 100 години македонска авијација

Утре (сабота 16 септември) на аеродромот Стенковец крај Скопје ќе се одржи голем аеромитинг по повод 100 години од основањето на Аеро клубот „Скопје“, со што симболично се одбележува еден век македонска авијација.

Предвидена е богата програма, која започнува официјално во 11 часот, на која ќе има стандардни авио-акробации, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на ДЗС кои ќе летаат во формација, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери и хеликоптерот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Во делот на аеромитингот за воени воздухоплови, меѓу другото, гости ќе бидат авиони Ф-16 и Еурофајтер од воздушните сили Италија и Грција, како и Српското воено воздухопловство со MIG-29.

На аеромитингот, во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, ќе биде изложена и легендарната „Илинденка“ – единствениот македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот.

За посета на настанот, организаторите препорачуваат граѓаните да ги користат бесплатните автобуски линии кои тргнуваат наутро, во сабота, од 08.30 часот, од пет локации во Скопје:
1. Автокоманда (кај ЈСП),
2. Транспортен центар,
3. Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек),
4. Бутел (кај Еделпром) и
5. Спортската сала Борис Трајковски.
Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 часот до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 часот до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.
Р.С

 

Latest Posts

Не пропуштај