Денес во Амбасадата на САД во Северна Македонија, повеќе македонски политичари, меѓу кои и претседателот на државата Стево Пендаровски заедно со својот син Огнен, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери, министрите Оливер Спасовски и Фатмир Бесими, денеска даруваа крв за хуманитарната акција, која се одржува по петнаесетти пат во сеќавање на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, а се реализира во соработка со Црвениот крст на РСМ и Заводот за трансфузиологија.

„На покана на амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер, со задоволство учествував во крводарителската акција во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, по повод одбележувањето на Националниот ден на служба и сеќавање во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од ужасните терористички напади на 11 септември. Крводарителската акција е во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и со Институтот за трансфузиологија.
Дарувај крв – спаси живот!“, порача министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски преку социјалните мрежи.
И Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити денеска даруваше крв на овој хуманитарен настан за дарување крв и донирање храна, организиран во соработка со Црвениот крст и Институтот за трансфузиологија, информираше Црвениот крст на Република Северна Македонија на својата веб страница.
Р.С