Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Поделбите и поларизацијата што ја создаваат политиката и политичките партии најмалку се одразуваат на нив, а најмногу на граѓаните.
Поради политика, гледаме жестоки караници меѓу пријатели, роднини, колеги, познаници, комшии…кои честопати резултираат со меѓусебни навреди и прекин на меѓусебната комуникација. Луѓе кои до вчера делеле добро и лошо не сакаат очи да си видат, се мразат, а неретко доаѓа и до помисла (или употреба) на физичко насилство.
За разлика од политичарите, кои јавно се „караат“ и прават претстави и спектакли за јавноста, а најчесто зад кулисите негуваат добри, па дури и одлични меѓусебни односи, без оглед што припаѓаат на различни политички табори.
А богами, како што гледаме, често знаат и да ги надминат тие разлики, кога се работи за нивниот личен интерес.
Би посакал моите сограѓан(к)и барем за оваа работа да ги земат за пример политичарите, и да го гледаат својот, граѓанскиот интерес, кој е реално остварлив само кога се тие поединствени, а не раскарани и заслепени од меѓусебна омраза, индуцирана од политиката.
Можеби така ќе дојдеме до поодговорни политички елити, кои ќе му служат повеќе на општиот, а не на личниот интерес!