Северна Македонија припаѓа во ЕУ и граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ. Нашето економско чудо, нашиот политички развој и мировен проект се можни само во Европската Унија, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ која се одржа вчера на скверот Јадран во Скопје.
Тој посочи дека ЕУ е најуспешниот проект по втората светска војна што светот го има видено – мировен проект кој обезбеди траен мир, политички проект базиран на вредности, човекови права, слобода, владеење на право, силни институции, демократија, но е и економски проект.
„Она што можеме да видиме е економско чудо од државите кои пред 20-30 години беа во преговарачкиот процес, а денес се развиени земји-членки. Чешка е држава која од оваа година стана држава не само што зема пари, туку и придонесува во европскиот буџет. Економските показатели на Хрватска покажаа дека по влегувањето во Шенген и еврозоната имаат 15 милијарди евра приход од туризмот. Овие параметри кои денес ни се чинат многу недостижни и за нив изгледале така, но денес се реалност“, потенцираше Маричиќ во неговото обраќање.
Маричиќ рече дека доколку ги прашаме Бугарите и Романците што најмногу ЕУ придонесе за нивниот развој, одоговорот ќе биде дека им изгради патишта, инфраструктура, но и надеж за подобра иднина.
„Основното прашање е каде сакаме Северна Македонија да припаѓа – дали сакаме на овој најголем мировен, политички и економски проект или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во кои малку луѓе веруваат и никој нема видено придобивки“, кажа вицепремиерот Маричиќ во обраќањето пред присутните на трибината.
Трибината е дел кампањата „Ние сме Европа“, преку која граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со придобивките од брзото членство во ЕУ, неопходните реформи кои треба да ги направи земјата за да се постигнеме европските стандарди во наредните неколку години. Како што посочи вицепремиерот Маричиќ при објавувањето на почетокот на кампањата, таа е прилика за граѓаните да добијат одговор на сите нивни прашања кои ги имаат во врска со евроинтегративниот процес, за сите дезинформации кои кружат во јавноста, а кои создаваат кај граѓаните грижа и дилеми, но и за начините како секој граѓанин може да се вклучи од свој аспект со свој придонес.
Р.С