More

    Каде Мицкоски ја носи Македонија, ако ЕУ и Западот му се политички противници?

    Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на партиски настан во Кичево, во изгледен политички очај, конечно, тотално ја разголи антизападната позиција на неговата партија истакнувајќи дека не се бори со Ковачевски, Ахмети и Османи, туку против ЕУ и Западот, кои, како што нагласи „прават стратегија да го скршат ВМРО-ДПМНЕ“.

    „Ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Светот и Европа тоа го размислуваат денеска и прават план како да нè скршат. Немојте да мислите дека Димитар Ковачевски, Али Ахмети или Бујар Османи се тие“, порача Мицкоски од Кичево.

    Наративот на Мицкоски е тотален колапс на божемните проевропски и демократски определби на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се китеа досега.

    Многу јасно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи кој всушност му е политичкиот противник. Мицкоски вели дека тоа не се македонските политичари туку Европската унија и светот, кои пази богати, се намерчиле да го рушат него и ВМРО-ДПМНЕ.

    Не знам како ова ќе го толкуваат аналитичарите кои застанаа на иста линија со политиките на ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање на уставните измени, но треба да им е јасно во какво друштво се наоѓаат и што всушност му е целта на Мицкоски со тврдокорниот став против уставните измени и продолжувањето на Македонија на патот кон ЕУ.

    Во ваква затегната геополитичка состојба во светот со руската агресија во Украина, ако противници на ВМРО-ДПМНЕ му се ЕУ и Западот, не е тешко да се претпостави кој му е стратешкиот сојузникот на Мицкоски.

    Каде мисли Мицкоски да ја носи Македонија, ако се добери до власт?

    Тоа се голите факти, кои ви ги плесна Мицкоски.

    Па, еве, бирајте.

    Извор: Фронтлајн

    Exit mobile version