Последни написи

ИМА: Нападот врз новинарите на Алсат е продолжение на загрижувачки тренд кој е закана за слободата на медиумите и демократијата

Денеска во Старата скопска чаршија е нападната екипа на ТВ Алсат додека била на должност. Првично вербалниот, а потоа и физички напад се случил додека двете новинарки на ТВ Алсат, Ера Ѓакова и Сара Хоџа заедно со снимателот снимале на терен, објави ТВ Алсат.

„Лице кое поседувало дуќан во близина, без повод и причина со остар предмет им се заканувал на новинарите и на снимателот. Дури им се заканувал и по живот. По заканите по живот, без повод и причина, лицето физички го нападнало снимателот на Алсат, нанесувајќи му бројни повреди на различни делови од телото“, се вели во веста што ја објави ТВ Алсат.

Од Институтот за медиуми и аналитика ИМА соопштија дека и покрај расветлувањето на неколку случаи на физички и вербални напади со говор на омраза кон новинари во последно време, оваа практика во Северна Македонија продолжува и зема загрижувачки димензии.

„Жално е што овие напади доаѓаат не само од политички актери, туку и од бизнис секторот како и од дел од граѓаните, особено на социјалните мрежи. Како што гледаме, неретко, ваквиот однос кон медиумите се пренесува од виртуелниот во реалниот свет“, се вели во реакцијата на ИМА.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА повторно нагласува дека за спречување на насилството, говорот на омраза и заканите не е доволно само поефикасно институционално делување. За сузбивање на овие негативни појави, потребна е сеопфатна општествена акција и соработка на институциите, граѓанските организации, бизнисот и медиумите. Потребна е и едукација на граѓаните за штетните последици од говорот на омраза, насилството врз новинарите за целото општество и демократијата, бидејќи кога се загрозени слободата на медиумите и слободата на изразување, се загрозува суштината на секој демократски систем.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај