„Концептот на влез во ЕУ е концепт на македонизација. Концептот на изолација е концепт на бугаризација и приморување на нашите граѓани во очај да вадат бугарски пасош. За прв пат од нас зависи дали ќе одиме во концептот на Европа, концептот на македонизација или ќе останеме во изолација“ рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на ТВ24.
Тој додаде дека верува оти ќе успее процесот на уставни измени и дека сите 120 пратеници ќе сфатат дека земјата се наоѓа на крстопат.
„Не е ова светот што го знаевме до 2020 година. Се случува голем воен конфликт. Се случуваат големи економски потреси, поскапување на енергијата што продуцира поскапувања на се. Ние мора да бидеме на прогресивната страна во човештвото и во Европа“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ рече дека можеби и тој има забелешки на предлог-договорот и преговарачката рамка, но е свесен дека подобар договор и подобра преговарачка рамка нема да имаме во иднина.
„Тоа е доволно за мене, со овие поделени карти да знам која е најдобрата варијанта за да ја изиграм. Најдобрата варијанта се уставните измени и побрзо отворање на поглавјата со цел финансиски средства и реформи да дојдат во државата“, рече Богоев.
„Да оставиме да почне седницата, нека почне дискусијата. Јас сум оптимист дека ќе наидеме на поддршка. Времето ќе покаже дали тоа што го зборува опозицијата, дека пратеници од власта нема да гласаат или тоа што зборуваме ние, дека ќе имаме поддршка е вистина. Не треба да лицитираме со бројки дали 5-7-10 пратеници ќе гласаат за или еден или двајца против. Сите 120 пратеници треба да сфатат дека не може да имаме подобар договор и подобра преговарачка рамка“, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на ТВ24.
Тој додаде дека нема веќе време за губење и дека сега е шансата да ги отвориме поглавјата сите заедно, да засукаме ракава и да ја оствариме целта до 2030 Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
„Целта е амбициозна, но ако работиме заедно не е недостигжна. Од друга страна, изолацијата ќе значи бугаризација. Бугаризација е да одиш по градовите во Бугарија и да потпишуваш изјава дека се чувствуваш како бугарин за да добиеш бугарски пасош“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ додаде дека доколку не се изгласаат уставните измени следува период на изолација на земјата и рушење на иднината на граѓаните кои се надеваат на подобар стандард и живот како членка на ЕУ.