More

    Моќниците во Кремљ одржуваат приватни паравоени единици за идна самоодбрана

    Според Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, шефовите на Кремљ чуваат приватни паравоени единици за идна самоодбрана.

    Канцелариите во различни „кули на Кремљ“ одржуваат одредени елементи од нивните приватни војски, пред се за идна самоодбрана, изјави Андриј Јусов, портпаролот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, кој зборуваше во етерот на националниот телетон, јавува дописникот на Укринформ.

    Тој истакна дека сегашниот лидер на Чеченија, Рамзан Кадиров, во моментов има голема автономија – и политичка и воена.

    „Не ги гледаме тие тимови на луѓе на Кадиров на фронтот. Во моментов, тие или дејствуваат како единици кои спречуваат повлекување на редовните трупи, кои се користат во операциите за чистење, или се резервирани за идно решавање конфликти и заштита на режимот на Кадиров на териториите кои тие ги контролираат. А истото важи и за многу други газди во „кулите на Кремљ“ или сервисен персонал, кои одржуваат одредени елементи од своите приватни армии, пред се за идна самоодбрана“, нагласи Јусов.

    Како што предходно објави Цивил Медиа, голема е веројатноста и други руски моќници, како и државни компании управувани од луѓе блиски до Путин сега да имаат – или наскоро ќе имаат – свои паравоени единици.

    Дали раширеното создавање на овие групи на војска за изнајмување значи дека Путин наскоро може да го напушти Кремљ и дека неговата придружба се подготвува за таков евентуален настан?

    Или пак, доколку Путин сепак успее да остане на власт по завршувањето на војната, тогаш постоењето на приватни армии значи дека борбата во рамките на руската елита за назначување на негов наследник може многу брзо да стане крвава.

    Советникот на шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, верува дека успесите на Украина на фронтот ќе бидат катализатор за следната криза во Руската Федерација.

    Д. Мишев

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version