Директорот на Царинската управа Стефан Богоев во интервју за ТВ21 во однос на вчерашната заплена информира дека се работи за турски државјанин којшто дошол со лет од Истанбул, а вредноста на заплената е голема.
-Се работи за 184 обврзници, по 500.000 долари една вредност и јас сум горд што нашите цариници успеаа ова да го изведат и почнува веднаш финансиската истрага за да видиме дали имало некои други, поголеми скриени мотиви. Средствата треба да се пријават, нема зошто некој ако се негови да не ги пријави. Откако ќе ги пријавите се врши разговор, се докажува дека се ваши и потоа може да располагате. Доколку некој ги крие и не ги пријавува, тоа веднаш побудува сомнеж. Најчесто тоа е причина царинските службеници да почнат со посериозни истражни дејствија како што беше со случајот сега, кажа Богоев.
Тој додаде дека е контактирано со Интерпол и со други меѓународни партнери коишто по разни основи проверуваат.
-Соработуваме затоа што практично досега ништо не се поврзува со Македонија ниту со македонски граѓаѓни. Се е поврзано со странски државјани, фирми, единствено што пристигнуваат тука, на наше тло односно на скопскиот аеродром и оттука секоја помош е добредојдена. Финансиската истрага ќе ја работиме ние, по потреба може да се менуваат работите, меѓутоа има сериозни институции и во и вон државата кои планираме и очекуваме сериозно да ни помогнат и да се вклучат во ова. И да се работи за обид за измама со обврзниците, и да се работи за обид за перење на пари или финансирање на било какви нелегални активности, можеби за ништо од ова не се работи но ние сме должни сето тоа детално и темелно да го провериме, потенцира Богоев.
Извор: ТВ21