Последни написи

Од џелати и заканувачи, до „жртви“ на „цензура“

Пишува: МАРТИН ТАСЕВСКИ

Од џелати кои се закануваат, одеднаш, сакаат да се претстават како жртви на демек цензура. Се жалат и плачат, дека нивната „слобода на говор“ е загрозена. Тоа што тие се закануваат на скопскиот КВИР ЦЕНТАР и на многу други граѓански активисти, тоа што секојдневно упатуваат закани по нечиј живот, демнењето на социјалните мрежи кое им е веќе вообичаено и дискриминаторските објави, да ти било „слобода на изразување“.

 

За, жал во Македонија џелатот може да биде и жртва, и спасител и проповедник. И да биде амнестиран за злото што го креирал. Како пример, ви прикажувам еден случај на закани и дискриминаторски објави кон Скопскиот Квир Центар од Фејсбук профилот на Златко Бучкоски, како и од  нему блиската ФБ страница „Преземи одговорност“

На почетокот, би сакал да ја истакнам сериозноста на овој случај и проблем – кој го креирал Златко Бучкоски. Но, и сериозноста на заканите кои ни се упатени.

На 14.02.2023 година, Златко Бучкоски е пријавен од моја страна како правник на Скопскиот Квир центар во МВР – одделението за сајбер криминал за ширење дискриминација. Причина за пријавата е негов Фејсбук статус, кој предизвика многу реакции во јавноста, споделувања, закани, дискриминаторски говор и говор на омраза. Во објавата, Бучкоски коментира друг случај во Битола, во кој Квир центарот кон едно лице покрена судски спор за навреда и клевета (е не за говор на омраза како што дезинформира Бучкоски).

Во друг коментар објавен од Бучкоски се вели:

Ах бре инквизиторчиња, се ближи крајот на оваа власт што ви дава моќ и ви чува грб. После тоа, друга песна ќе пеете.

 

Заканувачот беше пријавен во одделението на МВР за сајбер криминал. Но, тука не престанува хајката кон Квир центарот во овој случај. Фејсбук објавите на Бучкоски беа споделени и од една екстремна Фејсбук страница со име „Преземи Одговорност“.

 

Статусот на Бучкоски, и негово видување за целиот случај беа  објавени и од популарниот портал Офф нет.мк, кои воопшто не се обратија до Квир центарот за да прашаат за случајот и нашите пријави.

„Знаат цензориве дека ваквите пријави се пресмешки и за обвинителство, знаат дека се неосновани, но ете, ја користат таа дупка во системот и целта им е да те позамараат да отидеш до МВР на разговор. Да ти одземат 1 саат од твоето време“, се вели во написот на Бучкоски објавен на Офф.нет.

Наместо став од Квир центарот за случаите, Офф.нет вади од контекст и пренесува дел од излагањето на извршниот директор на Квир Центарот, м-р Давид Тасевски, од сосем друг настан, панел дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје: „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“.

Во оваа прилика, добро доаѓа да се истакне што всушност укажа Давид Тасевски од „Скопски квир центар“ на панел – дискусијата на ИМА за одговорноста на медиумите, бидејќи тие „често даваат простор за говорот на омраза и дезинформациите, го забележуваме и моментот на неотстранување на коментари со вознемирувачка содржина која вклучува не само говор на омраза туку детален опис за убивање и мачење на ЛГБТИ луѓето“.

Златко Бучкоски и нему блиската ФБ страница „Преземи одговорност“ свесно и оркестрирано во јавноста преку социјалните мрежи вршат прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето.

Бучкоски знае да каже дека сето ширење на омраза било „слобода на говор“ и тој не пронашол ниедна пресуда за говор на омраза за коментари на Фејсбук! И ова е ноторна дезинформација. На пример, случајот Беизирас и Левицкас против Литванија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур е особено значаен бидејќи се работи за хомофобични коментари на социјалната мрежа Фејсбук. Му препорачувам и нему, а и на сите оние што шират омраза и закани по социјални мрежи во коментари, да го ѕирнат овој случај.

Од друга страна, нашите судови навистина имаат малку пресуди за говор на омраза на Интернет, па Бучкоски тоа „умно“ тоа го користи за да шири невистини дека такво нешто е невидено и нечуено.

Но, сепак, случаи на пресуди за ваков говор на омраза има и кај нас. На пример, според пресудата од Основниот кривичен суд, поради објава на коментар на социјалната мрежа Фејсбук, лицето Сашо Митев беше прогласен за виновен по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврди казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело.

 

Исто така, со условна осуда од Основен кривичен суд Скопје II КПП бр.72/20 на 07.02.2020 година, е осудено лице поради статус кој гласел: „Шиптариве демолираа театар, Господ им ја демолира шиптарија“. На лицето му се утврдило казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од две години не стори ново кривично дело.

За жал, овој напад кон Квир Центарот и неговите активисти не е единствен. Имаме документирано десетици вакви објави, кои во интерес на времето на читателите нема да ги пренесеме во овој текст. Но, бидејќи Златко Бучкоски и нему блиската ФБ страница „Преземи одговорност“ сакаат постојано да го демнат скопскиот Квир Центар и неговите активисти, би сакал и нему и на сите оние што мислат дека ваквите демнења се неказниви,  да им посочам дека минатата година беше изгласан нов член на Кривичниот законик, кој гласи:

„Демнење“ од Член 144-а од Кривичниот законик

(1) Тој што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Гонењето за делото од ставот (1) на овој член се презема по предлог.“

Но, поголемо нешто од Златко Бучкоски и неговата омраза се прашањата – кој стои зад него и кој му ветува нему дека може да прави ова? Кој му ја дава таа сила за да шири свесно идеи за супериорност и да врши прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето? Дали можеби некоја политичка партија му ветила дека доколку дојдат на власт, ќе може да  апси членови на невладиниот сектор? Дека ќе има моќ да забрани некому вршење дејности?

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР нема да замолчи пред овие закани, без разлика што подолг период сме цел на интензивни напади и демнење. Ќе издржиме, јаки сме ние, и ќе продолжиме да бараме од институциите да ги спроведуваат доследно законите и да ги санкционираат оние што се закануваат и спроведуваат јавни хајки на Интернет. Институциите се на потег.

(авторот е правник во Скопскиот Квир Центар)

Latest Posts

Не пропуштај