Последни написи

Пендаровски за Илинден од Пелинце: Само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска

Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку и за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на обраќањето по повод прославата на Денот на Реубликата во Пелинце.

„Затоа, денес, на ден Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска“, истакна Пендаровски.

Тој посочи дека од АСНОМ па до денес, се потврдува една вистина: тешко е да се дојде до слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Вистинската слобода зависи од владеење на правото и социјалната правда, од поредок во кој правата на едните нема да бидат на сметка на правата на другите – рече Пендаровски.

„Затоа ни се потребни европски реформи. Најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во ЕУ. Европската интеграција е незаменлив катализатор за длабока трансформација на секоја општествена сфера. Интеграцијата ќе ни помогне да изградиме функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој. Преговорите ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет“, потенцираше претседателот на државата.

„Треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија. Затоа, без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно почнување на преговорите, во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството“, порача Пендаровски во неговото обраќање.

Претседателот го посети и Манастирот Прохор Пчињски каде се одржа првото заседание на АСНОМ, при што имаше средба и со српскиот претседател Вучиќ.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај