More

    „Ќе дојдам и ќе ти го исечам увото со нож“

    Пишува: ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ

    Не знам од каде доаѓа тој страв од успешни жени и самостојни жени. Од каде таа длабока несигурност во себе кај многу мажи кои сметаат дека жена која оди на работа, која се бори во и со животот, е лоша жена. Уште повеќе не можам да разберам зошто нашиве попови и оџи здружно и заедно се сплотени во нивната мисија да го дефинираат местото на жената единствено на потегот кујна – гинекологија, затоа што според нив таа има само две улоги – да биде куќна прислужничка и да раѓа. И се разбира, при тоа да молчи.

    Еве, да се обидеме да го погледнеме светот низ нивната перпектива и доктрина дека светот и векот е создаден од семоќен ентитет, сета материја, сета енергија, сите закони на физиката… И тој демијург, тој создавач на светови, според нашите оџи и попови сака да ги затвори жените дома, да не творат, да не работат, да не мислат со своја глава? Таа врвна интелигенција, таа бескрајна љубов наложува жените да се покриваат и кријат за сексуално да не ги провоцираат мажјаците на човековиот род кои самите не можат да се контролираат себеси?

    Не можам да разберам дека во поимањето на универзумот и неговата божественост, овие луѓе веруваат дека во име на Бог можат да ускратуваат права, да колнат, да пцујат да повикуваат и да се закануваат со насилство и со линч кон секој/а кој/а поинаку гледа на работите и јавно ги соопштува вредностите во кои верува.

    Пред некој ден, една скопска новинарка критикуваше некој локален оџа дека со своите ставови предизвикува насилство, омраза и ретроградност, особено кон жените. Директно, отворено и слободно реагираше на состојба во општеството која предизвикува страдање на многу жени, во домовите каде што живеат и надвор од нив. А, реакцијата дојде од едикојси засегнат следбеник на оџата кој (во име на божјата љубов, веројатно) на новинарката и се закани со сечење уво пред телевизијата каде што работи ако не го избрише текстот со критиката. Ебењето фамилија кое исто така го најави, веројатно е подеднакво во согласност со верските канони како и сечењето уво.

    Дека и поповите во иста свирка дуваат, зборува и кампањата за мобилизација против правата на жените и поинаквите (поинакви само во некои глави зачадени од темјан) која ја почнаа поповите од струмичките цркви и манастири. Ја почнаа кампањата  со квази дебати на кои никој не застапува поинакво мислење, со модерни фото и видео презентации во кои се именуваа лично противниците на црковниот светоглед, навидум модерно и аргументирано, а всушност еднострано и исклучиво.  И во овој случај по благоглаголивото обзнанување дека црквата, верата и „слободата дадена од Бога“  следеа физички закани, анатеми, пцости и повторно, закани со сексуално насилство.

    Интересна е таа појава дека толку посветени верници и богобојазни граѓани чии профили се полни со претстави на цркви, џамии и молитви, одеднаш стануваат насилници. Уште поинтересно е нивното поимање на сексот како алатка за нечие повредување и понижување. Но, оваа тема веројатно треба стручно да се обработи од психолози и социолози. Страшно и поразувачки е дека во општеството постои прилично раширен садизам, кој е очигледно толериран од верските заедници. До сега, немам сретнато никаква осуда од ниедна верска заедница за ваквиот начин на комуникација на нивните верници и на теми кои се отворени од страна на тие верски заедници. За оваа појава молчат и продолжуваат да се претставуваат како жртви.

    Пријатели, сето ова не е работа на верата, ова е политика! Поолитика на хегемонија на еден светоглед. Политика во која се воведува тиранија врз жените, но и тиранија врз сите оние кои (да бидеме искрени нивниот Бог би ги сакал кога би постоел) го разбираат светот поинаку од она како го разбираат светот нашите попови и оџи.

    Во моментов верските заедници имаат заеднички непријатели. Но, во нивната природа е да се исклучиви за други светогледи и догми, а Македонија е мултиконфесионална и мултиетничка земја. Ако дозволиме напуштање и забошотување на секуларизмот, што ли ќе се случи кога кога жените ќе бидат „сместени онаму каде што им е местото“, кога ќе расчистат со гејовите, лезбејките, би, транс лицата? Ќе продолжат ли со листата на Нијмилер – ќе тргнат ли на социјалистите, синдикалците, Евреите? Во кој момент тема ќе стане кој е во право, чие клањање е вистинско., чиа молитва ја слуша Богот?  Дали конфликтот тогаш ќе е верски или меѓунационален? Современа Македонија, уште од Крушевската Република, па до денес е замислувана и обликувана како секуларна република. Сметам дека единствено како таква може да опстои и да напредува, секое поинакво гледиште води кон назадување и конечно судир од „библиски“ размери. Верските заедници треба да останат во доменот на грижа за душите на верниците, за телата и останатото световно ќе се грижи државата, општеството.

    Извор: Трн.мк

    Exit mobile version