More

    Во автобус на плус 40 степени: Подвижни сауни крстарат низ Скопје

    Скопје како и целата држава се наоѓа во портокалова фаза, со пеколни температури кои надминуваат и над 40 степени Целзиусови.

    Во такви околности отежнат е секојдневниот живот на граѓаните, но уште потешко им е на граѓаните кои мораат да користат јавен автобуски превоз.

    Освен автобусите од производителот МАН кои беа купени пред две три години, во сите останати автобуси клима нема, или пак ако ја има како во оние двоспратните кинески автобуси тогаш таа воопшто и не се исклучува, па температурната разлика достигнува и до 20 степени споредено со надворешната температура.

    Кај приватните превозници, по правило нема клима, а единствена утеха за патниците кои се наоѓаат во овие автобуси се отворените прозорчиња и предната врата низ која влегува уште толку загреан воздух, што овие стари лимени возила наликуваат на подвижни сауни во кои едвај се дише.

    Но шегата настрана, немањето соодветни услови за овој период од годината го отежнува секојдневието на граѓаните, а најпогодени се возрасните, но и лицата со хронични заболувања.

    Бегство од горештините не наоѓаат ниту оние кои автобусите ги менуваат со такси превоз. И таму вклучена клима е повеќе инцидент отколку правило, па за што и да се одлучите да се движите низ Скопје, многу веројатно е дека на вашата дестинација ќе стигнете препотени.

    И за ова, како и за многу други проблеми на граѓаните, нема слух во разладените бараки на Град Скопје.

    Извор: 24info.mk

    Exit mobile version