Градоначалникот на Општина Чаир денеска излезе со реакција по вчерашното вандализирање на таблата на новоименуваниот Парк Украина, пред самиот општински објект.
„Општина Чаир и јас како нејзин градоначалник најостро го осудуваме вандалскиот чин на таблата со името Парк Украина која се наоѓа на нашата територија, поточно во близина на општинскиот објект.
Оценуваме дека ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот Украина што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава.
Предметниот случај веќе го пријавивме до органите на редот и бараме што поскоро да се откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна.“, напиша Ганиу на Фејсбук страницата.
Visar Ganiu – Komuna e Çairit dhe unë si kryetar i saj e… | Facebook
Инаку, пред 15 часа, на Фејсбук Страницата „Црвена Младина“ (младински огранок на „Левица“) се објави видео со покривање на таблата „Парк Украина“, со лепенка „АСНОМ“, со образложение дека овој парк порано бил парк на народните херои.
Во општина Чаир на 7 јуни со пригодна церемонија се отвори Паркот Украина, пред општинскиот објект, во организација на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во соработка со украинската Амбасада во Република Северна Македонија.
На настанот присуствуваше и украинската Амбасадорка, Н. Е. Лариса Дир со делегација, претседателот на „Лесја Украинка“, пратеници, советници од Општина Чаир, а на зелените површини од паркот седеа ученици од основните училишта со украински и македонски знаменца, во знак на поддршка на украинските деца.
Д. Т.
Извор: ЦивилМедиа