More

    Од Аеродром, Ѓорче Петров и Чаир до центарот на градот – Како е да се биде велосипедист во Скопје?

    Велосипедизмот секогаш бил препознат како најлесниот начин за стигнување до одредени дестинации преку сите годишни времиња. Со својата едноставност, брзина и лесност на користење, велосипедот се издвојува како идеално превозно средство за градското живеење.

    Доколку сте во градска средина, гужвите во сообраќај, претоварените паркинг места и гужвите можат да бидат голем проблем. Но, со велосипедот, овие предизвици стануваат минато. Возењето со велосипед е брзо и ефикасно, овозможувајќи ви да го избегнете загадениот воздух и часовите загубено во сообраќајниот метеж.

    Но ако сте велосипедист и имате велосипед како превозно средство, во Скопје ќе се соочите со сечени столбови за заштита на велосипедските патеки, автомобили паркирани на просторот каде што велосипедистите мора да патуваат, велосипедски патеки кои не се означени или несоодветно обележани, корпи за отпадоци и многу стакло, песок и други опасни материјали за гумите на велосипедите.

    Градска.мк контактираше и тројца граѓани од различни општини и различна возраст, чиј што велосипедот им е главно превозно средство. Тие се едногласни дека велосипедот го користат за физичка активност, да избегнат гужви во сообраќајот, но и дека на градот и фали инфраструктура.

    Јане од Аеродром

    „Велосипедот ми е главно превозно средство низ Скопје. Стигнувам двојно побрзо отколку кога би возел кола и би заглавил во скопскиот сообраќај. Возам цела година, освен кога врне снег. Редовната дневна рута до работа ми е 5-7 километри. Ништо не може да те расони така добро како утринската „бициклистичка вожња“, истакна Јане Георгиевски, додавајќи дека сообраќајната култура во Скопје е тема за дискусија.

    Кога е во прашање инфраструктурата  тој кажува дека  освен во главните булевари во Аеродром и Карпош во другите делови е небезбедно да се вози велосипед.

    „Сликата во Скопје освен по главните булевари во Аеродром и Карпош, во другите делови од Градот е катастрофална. Не е безбедно да се вози. Ова што го прави, поточно, што не го прави, новата Градоначалничка околу нови велосипедски патеки е жално да се гледа.  А требаше само да продолжи онаму каде што застана претходната градска управа која навистина направи очигледни поместувања и километри нови велосипедски патеки„

    Чичко Здравко од Ѓорче Петров

    Чичко Здравко порано возел поспортски велосипед, а сега вози ретро варијанта поради здравствени проблеми. Тој кажува дека гужвите и доцнењето на автобусите и брзината со која стигнувал на работа му беа причина да почне да го користи ова превозно средство.

    „Не возам автомобил, и на овој начин попатно завршувам и други обврски, плаќање сметки, пазарење. Полесно е за одржување, дел од поправките ги завршувам и сам„

    Чичко Здравко кажува дека  постојат голем број пречки во возењето на точак, Како пример дава дека  мора да носи по два ланци за заклучување бидејќи нема секаде услови непречено да го оставиш велосипедот, поради тоа што моѓат да го украдат, но и улиците се полни со остри предмети па често ми се дупнуваат и гумите.

    Тој кажува дека иаку некаде има инфраструктура сепак голем дел од улиците немаат доволно простор за пешаци, па не за велосипедисти, за што вели дека за малку избегнал несреќен случај.

    „Порано беше полесно бидејќи и бројот на возила по улиците беше помал, а и велосипедскиот дел од тротоарот поширок. Сега треба многу да се внимава. Пред некој ден за малку ќе ме удреше автомобил и тоа на велосипедска патека и уште и возачот ми се развика. Тоа покажува дека воопшто немамме сообраќајна култура.

    Друг проблем, вели чичко Ристе, е што возсчите паркираат каде ќе стигнат, понекогаш не помагаат ни столпчињата на велосипедските патеки, па мора да застанеш, може да го оштетиш паркираниот автомобил, а и нема простор за поминување. Така што не секогаш може непречено да возиш по скопските улици.

    „Сега пак голем проблем се и тротинетите, тие се движат без никакви правила, од никаде го пресекуваат патот и може да паднеш и да се повредиш. Секако добро е што има велосипедски патеки, но далеку сме од европските престолнини кои многу одамна имаст развиена велосипедска култура и инфраструктура„

    Беким од Чаир

    Беким Лачи од Општина Чаир вели дека велосипедот го користи на дневна основа како превозно средство од две причини. Првото е економската исплатливост, а втората и најважна причина е сообраќајниот метеж, при што со велосипед си пофунксионален.

    Тој вели дека како жител на Чаир, најголемиот предизвик е немањето означени велосипедски патеки, додека тротоарите се обично со паркирани возила, така да сме приморани да возиме по улици каде сообраќаат коли.

    „Тука би ја спомнал и непочита која ја имаат шоферите кон велосипедистите, која често не вовлекува во опасни ситуации по нашата безбедност“, вели Лачи.

    Не гледам некоја заинтересираност на градската власт да се подобри оваа ситуација, истакна Лачи, а на прашањето што би сакале да видите подобрено?, тој рече дека „ние го немаме елементарното, за да зборуваме за нешто подобрено„

    Лачи како препораки истакна воведување означени велосипедски патеки, но пред се, казнивост за возилата кои застануваат на велосипедските патеки, што е пракса во Скопје а нема санкции.

    Градска.мк постави прашања до Градот Скопје за тоа колку километри на вело патеки има инвестирано новата администрација на Градот, но одговори не добивме. Според последните изјави од 2021 години од поранешниот градоначалник Петре Шилегов во Град Скопје вкупната должина на патеки на кои сега е безбедно да се вози велосипед, изнесува 115 километри.

    Ако до неодамна Скопје имаше 50-ина километри патеки, лоцирани на кејот на Вардар и најшироките булевари (Партизанска, Илинденска, Јане Сандански и Александар Македонски), сега градот има поврзани велопатеки од Ѓорче Петров до Пинтија и Маџари. Со пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, велосипедската мрежа изби до самата обиколница, истакна тогаш Шилегов.

    Како е во Европа?

    Во европските земји, од 20 до 40 отсто од сите патувања граѓаните ги вршат со велосипед или пешки, а овој процент е најголем во Холандија. Најчесто пешки се движат граѓаните од Велика Британија, додека Холанѓаните, Данците и Швеѓаните најчесто возат велосипед, покажуваат податоците на Европската комисија. Пешачењето е најчесто на кратки патувања до пет километри, па така дури 45 отсто од граѓаните на Велика Британија се движат пешки. Кај велосипедскиот превоз, дури 39 отсто од сите патувања пократки од пет километри што ги прават холандските граѓани се на точак.

    Амстердам

    Рамниот терен и умерената клима на Холандија во комбинација со општинската поддршка на инфраструктурата го прават велосипедот главно средство за транспорт. Колку и да е мала, Холандија има 35.000 километри посветени велосипедски патеки и има над 22,8 милиони велосипеди во оваа земја со 17 милиони жители.

    Холандскиот главен град Амстердам е совршено поставен за да се качите на вашиот велосипед – има околу 515 километри (320 милји) посветени велосипедски патеки. Амстердам рутински е оценет како втор град во светот кој е најпријател за велосипеди, веднаш зад Копенхаген.

    Копенхаген

    Од друга страна Копенхаген е многу често рангиран на прво место како град за велосипеди, како пример може да ја земеме најновата верзија на двогодишниот индекс од 2019 година.

    Во Копенхаген има над половина милион велосипеди, додека статистиката покажува дека 9 од 10 Данци поседуваат велосипед. Во Копенхаген има пет пати повеќе велосипеди отколку автомобили. 49% од сите патувања на работа или училиште во Копенхаген се направени со велосипед.

    Во последните десет години, Копенхаген инвестираше над 200 милиони долари во велосипедска инфраструктура. Додека, целта на овој капитал е во 2025 година 50% од сите патувања на работа и на училиште да се прават со велосипед, овој процент во 2019 година изнесува 44%.

    Н. А. 

    Извор: Градска

    Exit mobile version