Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Северна Македонија денес е конкретен пример за тоа како преку дијалог, државничко однесување и носење тешки но храбри одлуки, се прават огромни разлики за многу кратко време.
-Од заробена држава, станавме земја членка на НАТО, земја со отпочнати преговори со ЕУ со заштитен јазик и идентитет., култура. Земја која од корисник на мировни мисии, денес е домаќин и го споделува своето искуство за надминување на предизвици по пат на дијалог со соседните држави кои меѓу себе имаат отворени прашања. Токму затоа во оваа прилика како непосреден сосед на Косово и на Србија, повикуваме на деескалација на состојбите и спроведување на меѓународно преземените обврски на двете страни, односно на имплементација на Договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел, и на договорот постигнат во Охрид за патот кон нормализација на односите, истакна Ковачевски.
Премиерот рече дека ова е процес кој вклучува одлуки во двете соседни држави, но политичарите секаде имаат обврска да се однесувааат државнички и храбро и одлучно да пристапуваат кон решавање на отворените прашања, колку и да е тоа тешко и на моменти колку и тоа да изгледа безизлезно.
-Токму заради тој пристап на дијалог, јас денес можам да кажам дека се гордеам што тука ние зборуваме за нашата европска иднина, за отпочнатите преговори со ЕУ, отпочнатиот скрининг, за тоа дека идната недела Северна Македонија ќе има своја делегација на Самитот на НАТО, за конкретни реформи, за потпишан договор за гранична соработка ФРОНТЕКС со наш македонски јазик а не да зборуваме дека сето ова треба да се случи некогаш во иднина. Кога ќе го кажам ова вака тогаш се гледа колку е голема разликата. Пред нас е секако уште една одлука, кое е прашање од интерес за граѓаните и медиумите, а тоа се однесува на носењето на уставните амандмани во Собранието и јас верувам дека нашето Собрание ќе е на ниво на задачата и дека конечно ќе можеме со забрзан чекор да го продолжиме нашиот пат кон европските интеграции и да се придружиме кон европското семејство. Знам дека нема да биде лесно, постојат различни калкулации, интереси кај сите политички партии, дел од нив гледаат интересот на државата меѓутоа за жал, дел од политичките лидери гледаат единствено во својот политички интерес и на својот политички рејтинг, но, треба да се донесе одлука која ќе биде храбра и која што ќе ја паметат идните генерации, дека оваа генерација на политичари донела одлука со која обезбедила подобра иднина на сите оние кои што доаѓаат после нас, потенцира Ковачевски.