More

    Симовски: Бојкотирачите на пописот за да си ја исперат вината шират невистини дека податоците не се вистински

    Најголем демант на тие што го оспоруваа(т) пописот го даде Евростат, кој е репрезент на Европската унија, кои официјално изјавија дека пописот е спроведен според сите стандарди на ЕУ и на ОН, вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски во интервју за ЦИВИЛ Медиа, кој категорично ги отфрла сите обвинувања и дезинформации кои се објавуваат деновиве во одредени медиуми и социјалните мрежи во однос на валидноста на резултатите од пописот во 2021 година.

    Тој вели дека имаме попис којшто е во целост со сите европски и светски стандарди и апсолутно треба и мора да им веруваме на резултатите добиени од пописот во 2021 година.

    „Извештајот на Државниот завод за ревизија не се бави со методолошките работи, односно извештајот на ДЗР е во насока дали се запазени сите правни и финансиски моменти во врска со оваа голема статистичка активност. Никаде во извештајот не се даваат никакви сомневања или аргументации во однос на методолошките аспекти кои се всушност стручна проблематика“, вели Симовски.

    Државниот завод за ревизија (на 21 јуни 2023 година) го објави извешатајот од извршената ревизија за „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година“, при што констатираа дека освен за состојби во однос на начинот на донесување на дел од подзаконските и интерните акти, периодот на извршување на претходното попишување на одделни категории на лица, бројот на учесниците во пописот во однос на планираниот број, начинот и висината на утврдување на дел од надоместоците, периодот за кој е донесен финансискиот план како и состојбите во однос на јавните набавки, постапката на подготовка, организација, спроведување и објавување на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година е во согласност, во сите материјални аспекти со одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, подзаконските и интерните акти донесени за подготовка, организирање и спроведување на истиот. 

    Симовски вели дека тие кои организираа бојкот и го опструираа пописот се истите тие кои денес за да си ја исперат вината велат дека податоците од пописот не се вистински бидејќи ДЗС импутирале 130.000 лица од дијаспората.

    „Како може да не се точни податоците кога се земени од регистри каде што се документирани податоците. Единствено кај овие лица нема податок за тоа што е лично чувство, а тоа е етничката припадност, мајчиниот јазик и јазикот кој го говорат дома и вероисповед. Се друго е проверено и точно и е земено од базата на податоци. Ниту едно лице кое требаше да биде предмет на пописот не беше изоставен, и ниту едно лице кое нетребаше да биде предмет на попис не е вклучено во пописот“, потенцира Симовски.

    Директорот на ДЗС вели дека не се точни натписите во медиумите и коментарите на социјалните мрежи во однос на податоците од пописот.

    „И за време на пописот, но и за време на објавување на резултатите од пописот укажувавме и аргументиравме дека треба да се верува на пописот… Со комбинираниот метод што ние го спроведовме не само што не треба да се сомневаме во резултатите во овој попис, туку е директно потврдено квалитетот на податоците. Она што е најважно со ваквиот метод ни дава да имаме комплетен опфат, 100 отстотен опфат“, додава тој.

    Симовски истакна дека и покрај проблемите со кои се соочија за време на пописот, сепак имавме успешен попис и денеска има огромна побарувачка за податоците на пописот.

    Дехран Муратов

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version