Иницијативата со предлог уставните измени е во Влада и во овој момент се проценува кога е најдобро време таа да се прати во Собранието, односно да се најде пред пратениците, информира министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во вестите на Канал 5 телевизија. Таа рече дека со оглед на тоа дека во преговарачката рамка утврдени се роковите кога треба да се реализираат уставните измени, предлог-иницијативата е изготвена и кога ќе се донесе заедничка одлука на седница на Влада, таа ќе биде испратена во Собранието.
– Според изјавата која што ja даде Мицкоски после лидерската сдредба се чини дека и тие се на ист став дека мора да го продолжиме патот кон ЕУ, што значи дека и тие искажаа еден вид позитивни промени во однос на нивниот став дека треба и тоа како да се случат уставните измени. Се разбира дека доколку тие го потврдат предлогот на премиерот Ковачевски, треба да формираат една група на највисоко политичко ниво која што понатаму ќе ги продолжи разговорите по предлогот кој што беше даден од страна на премиерот. Што значи дека сите услови кои што тие ги побараа и на нив е само да прифатат и да продолжиме понатаму. Доколку тоа не се случи предлог иницијативата сепак ќе оди во Собранието, каде што пратениците ќе имаат шанса да се изјаснат дали се за или против, истакна министерката.