More

    И словенечката претседателка очекува мудрост од македонските политичари

    Наташа Пирц Мусар по разговорите со Стево Пендаровски рече дека и Словенија се соочила со тој процес; не било лесно, но направиле чекор за иднината

    Уште една порака од претставник на исклучително пријателска земја за да се усвојат уставните измени и Македонија да продолжи на патот на ЕУ. Тоа денеска го направи и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар за време на посетата на Скопје.

    По разговорите со претседателот Стево Пендаровски Пирц Мусар изрази надеж дека политичарите во Македонија ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени, кои се услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на кластерите во преговорите. Таа рече дека патот кон ЕУ не е лесен, дека Словенија веќе се соочила со тие процеси и оти на тој пат и нејзината држава морала да го смени Уставот, за што тогаш имало жестоки политички дебати во словенечкото општество.

    „Да потенцирам, Словенија го помина тој процес и не ни беше лесно. Словенија мораше да го смени уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти. Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените уставот“, порача Пирц Мусар.

    Таа нагласи дека тука се и обврските кои ги има ЕУ кон Македонија и дека Унијата исто така треба да го заврши својот дел од работата и да ѝ помогне на Македонија во тој процес.

    Словенечката претседателка нагласи оти верува и знае дека Македонија има потенцијал да влезе во Унијата. Таа додаде дека новонастанатите геополитички околности и приближувањето на Украина и Молдавија кон ЕУ нема да влијание врз тоа евентуално Македонија да остане во втор план во однос на евроинтеграциите.

    „Што се однесува до пристапувањето на Украина и Молдавија секоја земја има има право да изрази желба и да се приклучи кон ЕУ, но како претседателка на Словенија ви гарантирам дека Македонија нема да исчезне од дебатите, секогаш ќе биде во центарот на нашето внимание во однос на приближувањето. Словенија секогаш ќе биде ваш поддржувач и секогаш ќе ви помага“, рече Пирц Мусар.

    Извор: Независен

    Exit mobile version