More

    Срѓан Јаниќијевиќ: Ова е време на диктатура на лошиот хумор

    Разговараше: Ана Василевска 

    Глупоста е површна, плитка, празна, коруптивна, а поради ова исплашена, агресивна и многу бучна. За глупоста е „разумно“ да се случи нуклеарен холокауст за да се спаси православието.

    Приказната за комичарот во депресија во претставата „Веќе не ни смешно“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, ги преполни сите пет досегашни изведби на сцената  во Театар Комедија. Оваа претстава во која границата урнебесно смеење од „црн хумор“ и истовремено брутално соочување со аномалиите на денешницата кои се однесуваат на хуманоста, кризата на меѓучовечките односи, карикатуралната стварност, е како чекорење по жица. Интересот што го предизвика темата дека „веќе не е ни смешно“, а и нашето секојдневното сведочење на настани во кои се чини дека како вилиците често да ни паѓаат и ни се смрзнуваат од апсурди и трагедии на кои не се гледа крајот, беше предизвик за разговор со Јаниќијевиќ. “Современиот свет се претвори во свет во кој хуморот е апсолутен императив, задолжителен за сите, неодминлив во сите пригоди и на секое место, свет во кој емотиконот за среќа, насмеаното жолто безлично лице е почест интерпункциската крај на пораките отколку точката.“, вели меѓудругото во разговорот.

    Во интервјуто, Јаниќијевиќ е искрен и прецизен каков што е во режијата. Зборувавме и за политиканството во културата, желбата за мегаломанство наспроти квалитет, но ни откри и навестувања за почетокот на снимањето на неговиот долгометражен игран филм, за кој вели дека ќе биде жанровски наклонет кон неоноар политички трилер.   

    НоваТВ: Повод за нашиов разговор секако е вашата најнова претстава „Веќе не е ни смешно“ во продукција на Театар Комедија. Премиерата помина одлично, како и двете изведби минатиот месец. Каква визија имате вие за вашиов последен проект, иако е можеби рано, дали до некаде се остварија вашите прогнози за претставата, на кого му се обраќа текстот, сметате ли дека го постигнавте ефектот, ја погодивте ли целта?

     Јаниќијевиќ: По само неколку дена од објавување на репертоарот на Театар Комедија, за „Веќе не е ни смешно“ скоро и да немаше билети цел месец однапред. Еве сега проверувам и за петтата изведба нема билети. Искрено, барем јас не знам за ниту една претстава во Македонија која веднаш по премиерата и првата изведба се продадени две изведби од напред цел месец порано. Можеби се случило некогаш, но сепак сите знаеме дека тоа е реткост. Нормално, ова ме прави многу среќен. Секако дека ова не е само моја заслуга. Пред се „највиновен“ е Сашо Кокаланов кој ме зарази со приказната за еден комичар во депресија. Смешна, но многу тажна и искрена приказна. Текстот го понудивме во Театар Комедија кои знaeше кое е значењето да се постави домашна драма. Со многу енергија и ентузијазам, но и огромен професионализам, безрезервно го поддржаа мојот концепт кој бараше голема храброст. Никогаш не сме работеле заедно, а и јас не сум режисер од кого знаеш што да очекуваш со оглед на тоа што мразам стилови, режисерски потписи и фиоки со одредници во кои може да бидам сместен. Сакам кога сум на лизгав терен. Тоа и за мене е често проблем, а можеш да замислиш како е со таков човек да работиш. Но уживавме во нашите лудила и хумор и цело време се надополнувавме. Им благодарам што ме вратија на почетокот. Мојата прва претстава која ја направив на 15 години беше комедија. Во меѓувреме имав заборавено дека поради комедијата мене ме заинтересира театарот. Ми ја вратија истата радост што ја имав како дете кога почнував. Но да се вратам на темата. Пред се верував во екипата дури и кога ќе удревме во ѕид. Имаше некои моменти каде постоеше страв каде одиме, на кого му се обраќаме, знаеш кога работиш комедија после еден месец сѐ станува… Веќе не е ни смешно. Особено што навистина одевме по жица на секаква можна „коректност“. Едно правило имавме – ништо не е свето. Само тоа го барав од прва до последна проба. Комедија е тешко да се работи. Не е лесно да насмееш луѓе (особено на проби кога немаш публика), а особено е тешко кога треба да ги насмееш на нешто што „веќе не е ни смешно“. Мора да ти признаам дека за прв пат гледам своја претстава од публика (овој театар ми ја даде таа храброст) и ми беше многу незгодно. Ми беше многу смешно ама ќе повторам и незгодно. Ако се смеам… „еј види го режисеров како се смее. Не си ја гледал сопствената претстава!? А пак, ако не се смеам тогаш „ни режисерот не се смееше на своја претстава“. Смешно. Како и да е… најдовме вилици испаднати после една изведба. Немам што да додадам.

    Од претставата „веќе не ни смешно“

    НоваТВ: Имам впечаток дека со „Веќе ич не ни смешно“, направивте заокружување ( некаков триптих“) со претставите „Дух“ и „Реалисти“ во контекст на толкување на денешнината, трулежот, лажните вредности. За жал, после „Веќе ич не ни смешно“ која секако е аларм до каде сме отидени со кризата на цивилизацијата, меѓучовечките односи…се случи трагедија во соседна Србија која не занеме сите. Што треба да преземеме како општества или како индивидуи да можеме да ги исправиме нешатата, да се вратиме на шините на хуманоста?

     Јаниќијевиќ: Кога тоа ние сме биле на шините на хуманоста за да се вратиме?! Хуманоста е инцидент, не е правило. Најискрено јас мислам дека токму овие генерации од после Втората светска војна навака, се најмногу на колосекот на хуманоста. Проблем е што во последно време некој сака да не врати на шините на кои човекот со милениуми успешно ја масакрира и природата и тој наш кревок инцидент наречен хуманост. Човекот во глобала, на нешто што не му е до крај познато и јасно, реагира пострашно од животно. Животното во такви ситуации или бега или напаѓа. Човекот за разлика од животното реагира со создавање на цел систем за уништување на различното кое не го разбира. Таа криза за која ти зборуваш е само е реакција на глупоста наспроти разумот од кој генерално луѓето се плашат. Разумот користи алтки како: логика, знаење, систематизација, докази… на глупоста ништо од ова не и треба. Таа е површна, плитка, празна, коруптивна, а поради ова исплашена, агресивна и многу бучна. Со новата технологија (која сама по себе не е виновна за тоа), наивно се испушти потенциометарот на таа бука и сега е тешко да се слушне разумот. За глупоста е „разумно“ да се случи нуклеарен холокауст за да се спаси православието.

    НоваТВ: Вие сте режисер кој може да работи со различни актерски екипи, и секогаш успевате да го извадите најдоброто од нив. Во Театар комедија, и во „Веќе не ни смешно“, актерите се извонредни, се чини како тој влог во улогите да прави целосна метаболичка трансформација кај нив. Каков пристап применувате во работа со актери?

     Јаниќијевиќ: Ист како и за себе. Да најдеме нешто ново, нешто во кое ќе се надминеме. Да точно е. Сакам да работам со што повеќе актери со кои не сум работел до сега, зошто секогаш сакам некое ново искуство и предизвик кога работам нова претстава. Од друга страна и кога работам со актери со кои веќе имам соработувано секогаш инсистирам на „and now something completly different“. Да се обидеме да направиме нешто што до тогаш не сме го направиле. Не сакам исти резултати па дури и тие да биле врвни. Единствено нешто што во последно време ми е важно е тоа да актерите бидат опуштени и без притисок. Се обидувам секоја тензија или несигурност да им ја избришам. Да играат што полесно иако на крај секогаш доаѓаме до заклучок дека улогите кои ги направиле после претстава сериозно ги исцрпуваат и ментално но и физички. Но тој стрес ми е важно да го немаат пред да застанат на сцена.

    Од претставата „Веќе не ни смешно“

    НоваТВ: Кога сме кај визијата и целите, какво е вашето согледување за актуелните македонски театарски трендови и моментумот на нашата култура. Имаме ли ние како држава културолошка стартегија или барем некаква десет годишна проекција. Каде сме тргнале?

     Јаниќијевиќ: Сега ме насмеа. Па тука имаме пример како една личност сама со себе не може да се договори што сака да прави како концепт за театарски фестивал. Година дена од неа слушаме прозивање по сите медиуми како театрите и режисерите немале слух за домашната драма и наеднаш, во официјалната програма селектирана од истата личност која прозиваше, нема ниту еден домашен автор. Како да правиш пародија на сам себе. Смешно е. Или веќе не е? Ова како мал пример само. Тука или има стратегија за некаква лажна национално патетична wannabe голема приказна или тотална незаинтересираност за културата со ситно коруптивен пазар во кој крокодилите ќе се изедат меѓусебно. А често има и комбинација од двете заедно.

    НоваТВ: Вие сте еден од режисерите коишто се занимаваат со многу актуелни општествени теми, да не речам еден од бранот модерни режисери. Ако признаеме дека железниот репертоар на секоја тетарска куќа го градат светските драмски класици, а публиката ја носат добрите претстави, каде се наоѓаме во моментов, говорејќи од аспект на театарски менаџмент, имаме ли сенс, знаеме ли да процениме што е она што ни носи бенефит во секоја смисла, не само од аспект на продадени билети?

     Јаниќијевиќ: Продадени билети не се неважна работа. Подобро „продадени билети“ одошто фрлени милиони на претстава што нема да се игра. Има и одлични претстави кои се условно кажано некомерцијални, но сепак продаваат билети. Билети мора да се продаваат инаку за кого се прават тие претстави? Театарот е важен и постои само во дадениот момент додека се играат претставите пред публика. Не постои случај во историја на театарот, која е два и пол милениуми долга, некоја претстава да станала битна од после. Или е добра сега и тука или никогаш. А за да биде добра, сега и тука, претставата мора да биде гледана. Не постои добра претстава која е „несфатена“ од публиката. Или поточно кажано може да постои, но таа претстава е лоша. Како што нема театар без глумци исто така нема театар без публика. И ме радува колку луѓе во последно време сакаат да купат и купуваат билети. Меѓутоа она што знае кај нас да биде најстрашно и  тоа што многу често се случува, е да има одлични претстави кои публиката сака да ги гледа и кои полнат сали, а од чиста негрижа, ситно политикантство или едноставно неспособност, токму тие претстави да бидат тргнати од репертоар.

    Од претставата „Веќе не ни смешно“

    НоваТВ: Некако како да не сакаме да си признаеме дека сме станале инертни, не се бориме, мрзеливи сме во поглед на промените. Што според вас навистина треба да се смени, за да бидеме театарски порепрезентативни?

    Јаниќијевиќ: Како што кажав погоре, кога ние дома во театрите не можеме или не знаеме да си ја зачуваме вредноста што сме ја создале, а која е реално мерлива како да очекуваш било што понатаму. Нормално за таа инертност и мрзеливост допринесува и односот, условите, политикантството, ситната корупцијата и бесмислиците што погоре ги наведов, на оние што ја менаџираат културата (од МЗК па надолу), и тие многу често знаат да ја упропастат цела страст, желба и ентузијазам. Прилично често гледам како голем број колеги како да се откажале од „исправање криви дрини“ со „кој ги ебе“ однос, зошто нивната работа во која се одлични им е поважна од војната со абсурдот, незнаењето, некомпетентноста. Но овој канцер е агресивен, се шири и ти го смалува просторот за делување, а често и самите се разболуваме од него што е многу опасно. Што да се смени? Во секоја пристојна претстава мора да има барем малку некаква логика. Колку и да е некоја претстава апстрактна или абсурдна, таа има некаква логична сценичност. Но во нашата театарската политика, како што низ неколку примери кои ги наведов погоре, тоа го нема. Тешко е да се бориш против таква отсутност на логика.

    НоваТВ: Има ли нешто што може искрено да ве насмее и зошто веќе не е ни смешно, да не речам од што не е смешно, дури и трагично е?

     Јаниќијевиќ: Современиот свет се претвори во свет во кој хуморот е апсолутен императив, задолжителен за сите, неодминлив во сите пригоди и на секое место, свет во кој емотиконот за среќа, насмеаното жолто безлично лице е почест интерпункциската крај на пораките отколку точката. Зашто доволно е исказот да заврши со емотиконот со насмевка и вам ви е јасно дека од вас се очекува беспоговорно да се смеете. Дури и колку и на кој начин е нешто смешно ви сугерира тоа емотиконче – може да е само насмевка, може е насмевка со покажани заби, може да е смеење до солзи, може да е лудо и испревртено смеење до солзи. Ова е време на диктатура на хуморот.  Лошиот хумор. А тој хумор, како и секоја друга деспотска власт е немилосрден и не ти остава многу избор – или си со него или си против него. А секоја диктатура е сама по себе смешна, но не и духовита. Погледни ги сите диктатори какви кловнови се. Или пак какви кловнови се диктатори. Крајно недуховити, а смешни. Хуморот за да биде добар мора да биде духовит. Мора да го содржи зборот дух. Инаку е само глуп виц.

    НоваТВ: Имаме ли ние капацитет за мега проекти, знаеме ли да си ги заштитиме сопствените капацитети од заборав, да ги презервираме за да станат наше културолошко богатсво?

     Јаниќијевиќ: Не знам точно што е тоа мега проект. Се што тука е направено а останало  како вредност не било мега проект. Тој патос и потреба за грандиозност секогаш, буквално секогаш, бил најдобриот пат са смрт на театарот. И не, не знаеме да ги зачуваме вредностите, напротив ги рушиме, поткопуваме и обезвреднуваме од незнаење и паланечки менталитет. Горан Стефановски ќе се сведе на мемиња како оние со Иво Андриќ и „најлепши“ цитати.

    НоваТВ: Што е поразлично денес од она време кога почнувавте, лудо ентузијастички и во театарот и на филмот и во музиката?

     Јаниќијевиќ: Ништо не е поразлично дури и напротив. Мислам дека сега имам далеку поголем ентузијазам, лудило и енергија. Сега само знам само како порационално тоа да го канализирам.

    НоваТВ: Добивте поддршка за снимање на филм, до каде се подготовките и реализација на филмот, која е темата ?

    Јаниќијевиќ: Требаше да почнеме со снимање лани, но се одложи за оваа година. Се надевам наскоро ќе започнеме. Дел од работата е веќе одамна завршена бидејќи во план беше да се почне со продукција пред скоро точно една година. Извесен период бевме на stand-by, но сега се придвижуваат работите и чекам знак за почеток. Искрено тоа одложување ми создаде огромна нервоза, но сепак го искористивме времето за уште поквалитетни решенија кој ќе донесат нов квалитет на филмот. Во овој миг, можам само да откријам дека станува збор за неоноар политички трилер.

    НоваТВ: Каков Ви е впечатокот за актуелната македонска кинематографија?

     Јаниќијевиќ: Во последно време нашата кинематографија има квантен скок. Нормално дека може и подобро, но разликата во квалитетот е огормна. За само неколку години добар дел од филмовите кои ги видовме направија сериозни поместувања и нивото сега е далеку повисоко. Тоа се видливи резулатати и се надевам дека тој развој ќе оди само во нагорна линија.

    НоваТВ: Светските и македонски драмски текстови доживуваат своја градација во поново време, на крајот на краиштата тоа е една непресушна област, што ви претставува посебен професионален предизвик, што е следно на Вашата чекинг листа?

    Јаниќијевиќ: Кога веќе го спомна филмот, фокусиран сум на него. Чек листа со една точка, ама таа ми е најважна во овој период. Искрено, и покрај тоа што имам неколку идеи кои подолго време ми се вистински предизвик и желба да ги работам, поради филмот ги избришав од глава на неодредено, за да можам да се фокусирам само на него.

    Извор: novatv.mk

    Exit mobile version