Последни написи

Почнаа работите на коридорот 8, постоечкиот автопат Тетово-Гостивар ќе се трансформира во автопатско решение со по три ленти во двата правци

Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е важна пред сè за подобрување на условите за живот на граѓаните, за обезбедување модерна и безбедна патна и железничка инфраструктура, за рамномерен регионален развој, што крајно значи и дополнителен импулс за развојот на вкупната економија.

Меѓу позначајните стратешките проекти е изградбата на Коридорите 8 и 10д.

Почнаа геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар

„Почнуваме со нов концепт на градба на нашите патишта. Истовремено почнуваме со четири главни активности на градба на Коридорот 8 и на Коридорот 10д. Од денеска почнуваме со геомеханичките испитувања, паралелно ќе одиме со проектирање и со подготвување на елаборати за експропријација и со мобилизација на градба. Во моментот кога ќе ги имаме експроприрано дел од трасата и проектирање, веднаш ќе почнеме и со градбата на Коридорот 8, изјави Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта по повод почнувањето со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. На настанот присуствуваа и вицепремиерот Артан Груби и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Работа на терен. Геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. Фото: Влада.

Според Рустеми овој начин на паралелна работа е различен од градењето патишта порано, па затоа смета дека според договорот овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени во предвидениот рок за помалку од пет години.

„Овде е голема разликата помеѓу стариот концепт што го имавме досега и новиот концепт сега што го имаме со „Бехтел и Енка“. Бидејќи со црвениот фидик ние прво требаше да имаме проектни задачи, па да проектираме, па после да вршиме ревизија на проектот, па после да добиваме одобрение од Министерството за транспорт и врски. За целата постапка ни требаше 4-5 години да заврши проектот па после да почнеме со градежните работи. Со новиот концепт ние паралелно ги тераме сите овие активности и геомеханички испитувања, и проектирање, и експропријација и градежни работи. Овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени за 4 години и 7 месеци“, истакна Рустеми.

Тој нагласи дека за сите активности што се одвиваат сега се ангажираат компании од Македонија и во наредниот период ќе бидат ангажирани и сите наши служби што ги имаме од Република Северна Македонија, рече Рустеми.

Вицепремиерот и координатор за изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д. Артан Груби, по разговорот со инженерите истакна дека геомеханичките испитувања ќе значат ископувања со машина на длабочина од шест до седум метри на секои 100 метри на цела траса до Струга за да се утврди составот на земјата и постапката понатаму.

„Сега каде што сме ќе се гради страничен пат на автопатот. Постоечкиот автопат Гостивар-Тетово ќе се руши и ќе се прави нов автопат со по три ленти во еден правец и уште толку во другиот правец. Ќе има страничен пат за поврзување на селата, ќе има надвозници, ќе има подвозници“, рече Груби.

Потпишана Одлуката на Европската комисија – Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на министерскат конференција во Црна Гора посветена на поврзаност на земјите од Западен Балкан, а во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА, го потпиша Анексот на Одлуката на Европската комисија – „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија”, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.

Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство. На Конференцијата, покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.

Конференција во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА во Црна Гора. Потпишана Одлуката на Европската комисија – Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ

Бочварски во гостување во „Топ тема“ на Телма, нагласува дека вакво барање до Комесаријатот за транспорт на Европската унија, било испратени и во 2013 година од тогашната македонска Влада, но тогаш не било прифатено. „Денес е прифатено поради тоа што и во нашата презентација, но и од страна на Бугарија и останатите држави каде што поминува истакнавме дека работиме на доизградба на коридорот“, рече Бочварски.

Подготвителните градежни работи на коридорот 10д продолжуваат, се подготвува изградбата на модерниот автопат Прилеп – Битола

Во меѓувреме продолжуваат подготвителните градежни работи и на Коридорот 10д на автопатската делница Прилеп-Битола, како дел од активностите за изградба на овој коридор чиј почеток на реализација беше означен во Прилеп.

Согласно предвидената динамика во договорот за изградба, во следните денови ќе се вршат геомеханичките истражувања на теренот, за подготовка на изградбата на автопатот кој ќе ги поврзе Прилеп и Битола. Оваа автопатска делница со вкупна должина од 39,3 километри е приоритетна за граѓаните од Прилеп, Крушево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, како и за сите останати кои живеат или транзитираат низ овој регион.

Собранието ги донесе, Пендаровски ги потпиша измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Собранието на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Промената на законските решенија се однесува на доуредување на постоечките закони, со кои ќе се овозможи ефикасна и брза реализиција на стратешките проекти кои се однесуваат на изградба на патиштата, железничките пруги, гасоводи и други градби од национален интерес.

Коридори 8 и 10д.

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите за петте закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Како што рече на прес-конференција, секоја заинтерсирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој од овие закони, вклучувајќи го и оној за измени и дополнувања на Законот за работни односи за кој реагираа дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија и некои политички партии. Според шефот на државата, по консултации со експерти е утврдено дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

Бенефит од изградбата на автопатиштата

Со Коридорите 8 и 10д за прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас. За споредба, досега имавме пристап само до пристаништето во Солун. Трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.

Како што потенцираат од Владата, со реализацијата на овој стратешки проект, во кој е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години.

Со изградбата на овие два коридори, од кружен тек на Балканот, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да бидеме на сообраќајната и економската карта на Европа.

Ј. Ѓ.

извор: frontline.mk

Latest Posts

Не пропуштај