Последни написи

Социјалистот Педро Санчез во Шпанија се обидува да го спречи повампирувњето на франкизмот

Повикот на социјалистот и актуелен премиер Педро Санчез за предвремени избори во Шпанија е негов обид да ги мобилизира прогресивните сили на левицата во борба против коалицијата на десничарите со екстремната десница. Потегот е многу ризичен.  Шпанија е длабоко поларизирана земја, растргната помеѓу носталгичарите од времето на Франко и прогресивните сили.

Светлана ЈОВАНОВСКА

Дали знаете дека во неделата се одржаа локални избори во Шпанија? И дека парламентарните се закажани за 23 јули, на самиот почекот на шпанското претседавање со ЕУ? Нашите медиуми посветија одвај десетина реда на овој многу битен настан и загрижувачкиот развој на политичките настани во оваа прекрасна земја и полна со различности од секој вид.

Во последните пет години Шпанија ја водеше коалиција помеѓу социјалистите на Педро Санчез и радикалната левица Подемос. На локалните избори во неделата овие две партии изгубија од демохристијанската Партидо Популар (ПП) а најважната вест од овие избори е големиот пробив на екстремната десница Вокс.

До неодамна Шпанија важеше да земја која е имуна на екстремната десница поради долгото и мачно минато под диктатурата на Франко. Кога се појави Вокс пред неколку години, прогнозите беа дека Шпанците нема да дозволат да им се врати профашистичка партија токму поради траумите од долгите години „франкизам„.

Истата анализа важеше и за Португалија која исто така долго беше во диктатура. За жал, на изборите пред една година во Парламентот влегоа тројца пратеници од екстремната десница. И тој имунитет беше пробиен. На следните избори, по шпанскиот пример, ќе ги има повеќе и искрено се надевам дека мојата прогноза е погрешна.

Да се вратам на Шпанија. Санчез е вистински прогресивен социјалист. Невработеноста во Шпанија никогаш не била толку ниска, економијата е во пораст, владата воведе два дена „менструален„ одмор во месецот за жените, влезе во искрена и силна битка против феминицидот, успеа да ја смири ситуацијата во сепаратистичката Каталонија, зголемена е минималната плата, дневните возови се бесплатни од септември, Шпанија е европски шампион по обновлива енергија, воведен е законот за евтаназија итн.

Анти-Санчез реториката од десницата предводена од Алберто Нуњез Фејо и приказната дека земјата живее апокалипса и дека е во заложништво од комунистите и терористичката група ЕТА (која патем не постои веќе 10 години) очгледно ги привлекоа гласачите. Креирање страв е еден од главните наративи на десницата и особено екстремната десница.

Но, ајде да речеме дека е нормално опозицијата да се бори за власт по секоја цена дури и со лаги. Проблемот е во тоа што партијата ПП може да владее само во коалиција со екстремниот Вокс. Коалициите на Вокс со ПП, освоено во неделата,  во Валенсија, Севиља или на Балеарските Острови се без сомнение само најава за идната национална влада.

Претседателот на оваа партија, популистот Сантијаго Абаскал, шета со пиштол, редовно зборува за важноста на христијанските корени на Шпанија, тој е анти мигрант, анти феминист, Вокс е „нео-Франко партија“, а Абаскал често го споредуваат со Болсонаро.

Алберто Нуњез Фејо, претседателот на демохристијаните, кој можеби ќе го наследи Санчез веќе овој јули, отворено кажува дека не му е проблем да владее заедно со Вокс.

Пред само неколку години ваква коалиција во Шпанија беше незамислива. Но имунитетот беше пробиен преку борбата на Вокс против каталонскиот и баскискиот сепаратизам, каталонскиот референдум и наративот дека десницата која тогаш беше на власт била многу нежна со сепаристите. Кои сепак завршија со пресуди и долги години затвор и покрај „нежноста„ на десницата.

Најавата на Санчез за избори во јули а не во декември, како што беше предвидено, беше големо изненадување по неделните избори. Потегот се толкува како обид на Санчез да ги мобилизира прогресивните сили на левицата во борба против  коалицијата на десничарите со екстремната десница. Потегот е многу ризичен.  Шпанија е длабоко поларизирана земја, растргната помеѓу носталгичарите од времето на Франко и прогресивните сили.

Партијата Вокс е уште еден доказ дека популизмот е десничарски. Се разбира, постои и лев популизам. Но, кај радикалната левица тоа е тактика за освојување на власта а левицата се бори за демократски институции. Популизмот кај екстремната десница го доведува во прашање постоењето на демократијата а демократските институции им пречат во креирањето и примената на нивните политики.

Конечно, оваа екстремно десна тенденција е сé повидлива во ЕУ. Во Италија е на власт со Џорџија Мелони, може да се предвиди дека следна претседателка на Франција лесно може да стане Марин Ле Пен (Макрон прави се за да и го олесни доаѓањето на власт), во Германија екстремната АфД е исто така трета политичка сила, во Белгија идната година нема да може да се состави влада без фламанските нео нацисти, во Холандија ситуацијата изгледа побенигна а не е, во Шведска, Данска и Финска овие партии се веќе во власта, приказните на Полска, Унгарија се познати,  итн.

Во 1980те години, бројот на владини коалиции со екстремната десница во ЕУ изнесуваше 1 од 20. Денес, во една од четири коалиции значајно место има екстремно десничарска партија. За традиционалната десница, екстремната десница порано беше маргинален противник. Денес е закана. Оттука логиката на традиционалната десница е да ги покани во коалиција и да се обиде да ги контролира. Загрижува што овие традиционални партии многу често попуштаат пред екстремно десните барања од страв дека ќе им падне владата и често применуваат екстремно десни политики. Под притисок или како превенција. Тоа е особено видливо во миграцијата или нападите врз невладниот сектор.

Накусо, екстремната десница секогаш ги инфилтира демократските институции преку етаблираните традиционални партии. Кои под изборен притисок ги прилагодуваат своите позиции. И потоа, на некои следни избори, гласачите се определуваат за оригиналот, а не за препишувачите.

*Светлана Јовановска e новинарка која повеќе години живее и работи во Брисел

 

 

Извор: Рацин

Latest Posts

Не пропуштај