More

    Само 15,5 отсто од индустриските води лани биле испуштени во природата како прочистени

    Минорни 15,5 отсто од индустриските води што биле испуштени во природата во 2022 година биле прочистени, покажува најновиот извештај „Користење и заштита на водите од загадување во индустријата“ на Државниот завод за статистика. Статистичките податоци покажуваат дека од 5 милиони метри кубни испуштени води од секторот Рударство и вадење камен, дури 2 милиони метри кубни биле исфрлени во реките, езерата и акумулациите како непрочистени.

    Преработувачката индустрија лани создала 10 милиони метри кубни индустриски води, при што 4 милиони завршиле во природата како непрочистени. И Секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација лани употребил 2.124 милиони метри кубни води во производството, но процесот на прочистување и третман пред нивното исфрлање во природата го поминале само 323 милиони метри кубни.

    Притоа, статистичките податоци велат дека лани 77,76 отсто од индустриските води биле испуштени во водотеците, 0,29 отсто од овие води завршиле во јавната канализација, додека преостанатите 21,95 отсто од отпадните води завршиле на други места во природата.

    Според потеклото на водата за снабдување на претпријатијата, најголемото количество вода што го користела индустријата е од површински води, односно 49,9 отсто. Вкупното количество користена вода во 2022 година изнесуваше 2.177 милион метри кубни и е зголемено за 36,8 отсто во споредба со количеството користена вода во 2021 година.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version