More

    Портрет: Биљана Ангелова, втората жена ректор во историјата на УКИМ

    Биљана Ангелова, новата ректорка на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, доаѓа од Економскиот институт каде што е вработена од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

    Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.

    Била член на Комисијата за нострификација на странски високообразовни дипломи при Министерството за образование и наука во областа на општествените и хуманистичките науки. Била иницијатор и прв претседател на Меѓународната асоцијација на економски институти на земјите на Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година. Во 2016 година е избрана за независен член на Надзорниот одбор на Халк Банка Скопје. Учествувала во формирањето на Асоцијацијата за банкарство и информатичка технологија, препознатлива по спроведување на стручни обуки за вработените во банкарскиот сектор, каде е назначена за член на Академскиот одбор. Од 2014 до 2018 година била претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

    Автор е на повеќе од 70 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и печатени во меѓународни списанија, 10 учебници, учебни помагала и прирачници, а учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји.

    Биљана Ангелова е родена во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.

    Инаку, во програмата за развој на УКИМ на 40 страници, Ангелова пишува дека ќе се залага Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде отворен за секој член на академската заедница и да има ефикасен сервис на неговите единици.

    Таа навела дека ќе се залага за унапредување на квалитетот на наставата, за подобрување на условите за студирање на единиците на универзитетот, како и за унапредување на научно-истражувачката дејност и за подобрување на рангирањето. Освен тоа,  приоритет ѝ е и интернационализацијата преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети и промовирање на европски вредности. Како клучни цели кои ќе ги реализира се и ориентацијата кон истражувања, развој на иновации и трансфер на технологии, зајакнување на соработката со бизнис секторот, поддршка на уметничките факултети и поддршка за развој на универзитетскиот спорт.

    Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Во 2020 година тој беше реизбран со нов мандат од три години.

    Извор: Рацин

    Exit mobile version