Последни написи

Спасов: Култот кон светите браќа бил обновен во регион без граници со многу народи, кои ќе можат заедно да живеат и во иднина во ЕУ

Професорот на Филолошкиот факултет, Људмил Спасов своето обраќање на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители го започна со прашање „како опстојал македонскиот јазик сѐ до неговото стандардизирање во 1945 година?“.

-На почетокот ќе се повикам на Мисирков, но и на Конески бидејќи и тој ја варира истата мисла:  „Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња , значи да му остане верен на духот на своите прадедовци и да почитува сè  што  имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Оваа мисла е кажана на почетокот на 20 век, 1903 г., токму кога заврши 19 век, векот на најголемиот дотогашен напредок на човештвото од почетокот на историјата. Оваа мисла е употребена од многу културни дејци од Европа, сѐ со цел да се поттикне формирањето на современите нации. Нашиот Мисирков е сосема во духот на своето време, оценува Спасов.

Според професорот одговорот на прашањето е мошне едноставен.

-Опстојале низ вековите луѓето, односно зборувачите, говорителите што го употребувале македонскиот јазик, односно народниот македонски јазик. Ако не го земеме предвид црковнословенскиот период на македонската писменост на глаголица и на кирилица до 15 век, можеме слободно да кажеме дека современиот народен македонски јазик навлегува во писменоста од кај 16 век.  Инаку, тоа е времето на европската ренесанса, времето на „будењето“ на народите и на народните маси кои постепено се школувале, се описменувале. Што значи тоа? Тоа значи дека тогаш постоеле кај нас писмени луѓе кои читале книги и ним им биле потребни книги напишани на народен, говорен јазик. Во 17. И во 18 век народниот македонски јазик се употребувал во писмени текстови во секојдневниот живот: тоа биле трговски договори, аманети и слично. Во првата половина на 19 век се јавува едно просветителско движење базирано на христијанските вредности. Се проповеда библијата, но на живиот народен јазик. Таков пример е Кониковското евангелие од 1852 или 1853 година од јужните краишта на Македонија, напишано на современ народен македонски јазик и на народен новогрчки јазик. Патем, имав благородна задача да станам еден од издавачите на овој текст. Таков пример е делото на Кирил Пејчиновиќ, неговите проповеди врзани со црковни текстови од северните краишта на Македонија, објаснува Спасов.

Тој додава дека втората половина на 19 век е времето кога и покрај сите политички тешкотии врзани со непостоење на своја држава, засилувањето на црковните пропаганди и слично, се развива стремежот да се создаде современ писмен јазик.

-Се јавуваат македонски интелектуалци кои, постепено, но сигурно создаваат современ писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Да ги споменам овде браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и многумина други. Тоа е времето кога се создава интелектуален граѓански слој кој ги афирмира културните вредности. Ваквото движење е материјално поддржано од средниот побогат земјоделски, трговски и занаетчиски слој што ги дава материјалните средства. Но, за жал сѐ уште немаме своја држава. На почетокот на 20 век се јавува идеологот на македонската културна борба, Крсте Мисирков и тој ја прави првата стандардизација на македонскиот јазик. Конечната стандардизација станува на 3. Односно 5 мај 1945 година со усвојувањето на современа македонска азбука и 7 јуни 1945 кога е усвоен современиот македонски правопис, откога на 2 август 1944 година АСНОМ, претставничкото тело на современата македонска држава, одлучи дека во македонската држава официјален, службен јазик ќе биде македонскиот јазик. Улогата на Блаже Конески и на неговото дело се најтесно поврзани со последниве настани. Еве вака опстојавме ние Македонците и вака опстојува македонскиот јазик. Сѐ додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик тој ќе постои и ќе постои нашата единствена татковина, кажа професорот.

Според него, култот на светите Браќа Кирил и Методиј на овие простори – Западниот Балкан како дел од Југоисточна Европа кога овој регион живеел без граници,  е афирмиран и со цел да се сочува и автокефалноста на Охридската архиепископија во 18 век и во 19 век.

-Култот на Светите Браќа е афирмиран (обновен) во Москополе, град населен со Ароманци кој се наоѓа во југоисточна Албанија и преку фреската „Седмочисленици“. Фреската „Седмочисленици“ се наоѓа во манастирот посветен на св. Наум, Северна Македонија, но и на други места. Него го негува и муслиманското население од овие краишта.  Натписите се на грчки библиски јазик. Култот на Седмочислениците и на Светите браќа се раширува во Србија и во Бугарија и во Црна Гора. Ова укажува на една мошне важна поука: Ако можеле овие луѓе, во овој регион населен од повеќе народи: Македонци, Албанци, Ароманци/Власи, Грци и други заедници,  еднаш во минатото да живеат без граници, тоа ќе може и во иднината. А иднината за мене е ЕУ, заклучува професорот Спасов.

Latest Posts

Не пропуштај