More

    Собранието ги изгласа измените на законите за реализација на коридорите 8 и 10д

    Собранието во рамки на денешното продолжение на 115-та седница по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

    Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ – Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ – Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ – Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.

    А, Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија беше изгласан со 63 гласа „за“ и 43 „против“.

    Пред гласањето Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против овие закони.

    „Полека, полека стигнавте до крајот на оваа фарса, а по ова се ќе биде различно. Заврши транспарентноста на оваа Влада. Ги пониживте пратениците ја злоупотребивте ЕУ со европското знаменце, го навредивте евроамбасадорот Дејвид Гир, го деградиравте и пониживте Уставниот суд, го сокривте договорот и од Антикорупциската комисија. ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против законите за коридорите бидејќи целиот проек е покриен со сомнеж за криминал и злоупотреба“, рече Мицевски.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version