More

    Како и зошто ги маргинализиравме младите?

     

    Пишува: МАРИО ПАУНОВ

    Во океанот на информации и случувања, надворешна политика, војна во Украина и последици од војната, здравствена и енергетска криза, зголемени цени на производите и инфлација, дневно-политички настани и скандали, продолжувајќи да живееме во параноја и страв, повторно ги заборавивме младите.

    Што се случува со младите и каде се младите во процесите на креирање политики и носење одлуки?

    Во Собрание е изгласан Законот за млади со чија реализација младите би биле активни чинители и еднакви партнери во процесите на носење одлуки и фактор кој во иднина ќе ја води државата.

    Законот за млади е изгласан и грижата за млади е присутна, но само декларативно бидејќи реализацијата и имплементирањето на законот за млади оди многу бавно. При анализа на Законот за млади може да согледаме дека работите стојат во место. Во продолжение ги анализираме точките од Законот за млади:

    Национално собрание и национално советодавно тело за креирање младински политики се уште не се формирани, не постојат локални младински стратегии, националната стратегија за млади се уште е во фаза на подготовка, формирани се само пет младински центри, се уште не е формиран истражувачки центар за млади на Агенцијата за млади и спорт. Иако рокот за реализиција за најголем дел од горенаведените работи од Законот за млади бил јануари 2021, сепак процесот на реализација  доцни многу или воопшто не е започнат.

    Како ќе ги задржиме младите ако не се имплементира Законот за млади и ако младите не се во фокусот на држава?

    Наместо фокусот да биде насочен кон младите и нивна еманципација во општеството, ние повторно правиме грешка во “чекори” и дозволуваме да се  маргинализираат и обезвреднуваат младите. Со сегашната  ароганција и пристап кон младите и недостаток на политичка волја за решавање на младинските прашања, ќе се зголемува егзодусот кај младите и директно ќе се стимулира проектот “Карта во еден правец”.

    Огромен проблем на Северна Македонија претставува лошата комуникација односно немањето комуникација на јавните институции со младите. Резултатите од целосно имплементирање на Законот за млади подразбира многу подобра комуникација со младите и нивно активко учество во општествено-политичките процеси. Од младинската ексклузија произлегуваат и психо-социјалните состојби на апатија, паранока, фрустрација, гнев и одбивност на младите кон политиката. Клучот на успешна соработка на јавните институции со младите е во добрата комуникација. Проблем на една држава е кога ги губи младите на ваков суптилен начин.

    Инклузијата на младите треба да биде приоритет на едно здраво општество. На погон на младите атомски умови ќе успееме да ја издигнеме нашата држава на рамниште на западно-европските земји и култури.

    Основниот двигател на една држава и на едно општество се младите. Нашата земја не поседува атомски бомби, но затоа поседува атомски умови. Единствениот начин да им парираме на големите светски сили се атомските умови со фокус на младите.

    Затоа е потребна акција и работа веднаш бидејќи НИЕ немаме време за чекање, процесите си врват, а ние стоиме во место. Верувам дека можеме да постигнеме големи успеси и напредок за кои што е потребно целосен ангажаман од сите чинители на македонското општество.

    Атомски умови или маргинализација? – Ние одлучуваме!

    Авторот е студент на Економскиот факултет при УКИМ и младински активист

    Exit mobile version