More

    Пуштен во употреба магистралниот пат Куманово – Страцин, никогаш досега, од осамостојувањето, не бил реконструриан

    Со мала свечена церемонија денеска официјално е пуштен во употреба магистралниот пат Куманово – Страцин, дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 31,2 километри.

    На свеченоста присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

    Вкупната вредност на реконструкцијата на овој патен правец, кој од осамостојувањето до денес никогаш не бил реконструиран изнесува околу 12 милиони евра.

    „Во независна Република Македонија, во Република Северна Македонија овој пат никогаш досега не бил рехабилитиран, никогаш не бил проширен и никогаш не изгледал така како што изгледа денес“, нагласи премиерот Ковачевски во неговорот обраќање на настанот и додаде дека истокот и североистокот, кои многу години беа заборавени, „ги развиваме со модерна патна инфраструктура’.

    „Покрај овој магистрален пат, токму во овој регион интензивно се извршуваат градежните работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде што дополнително со реконструкцијата и проширувањето со дополнителна трета лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8. Значи од најлошиот пат во државата кој водеше од Куманово до границата со Бугарија на Деве Баир сега ќе имаме модерен магистрален пат по кој ќе се вози и побрзо и побезбедно. Овој инфраструктурен проект ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот и ќе придонесе за економско јакнење на целиот регион. Проектите за заживување на овој регион кои досега беа само на хартија, ги претвораме во реалност. И сето тоа е видливо на терен“, рече премиерот Ковачевски.

    Ковачевски повтори дека нашата држава од кружен тек, станува централна крстосница на Балканот, и се позиционира на сообраќајната и економската карта на Европа.

    „Со изградбата на овие два коридори, за прв пат како држава воспоставуваме модерна патна врска кон запад и исток, а не како досега само север и југ. Се поврзуваме со две пристаништа: едното во Бургас, Република Бугарија и другото во Драч, Република Албанија. Дополнително, веќе потпишавме меморандум со Владата на Албанија дека по изградбата на новото пристаниште Порто Романо ќе биде овозможено и изградба на суво пристаниште во Струга, што дополнително ќе претставува олеснување за сите компании кои тргуваат во земјата, но и за земјите од централа и југоисточна Европа“, нагласи премиерот Ковачевски.

    Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека мапирањето на Коридорот 8 како еден од главните европски коридори кои минуваат низ Западниот Балкан е резултат на силни напори и заеднички заложби со соседите од регионот, но и огромна посветеност во реализација на инфраструктурните проекти.

    „Се наоѓаме на источниот крак на Коридорот 8 каде ја завршивме рехабилитацијата на државниот пат од Куманово до Страцин во должина од 31 километар. Во овој проект ја вклучивме и рехабилитиравме и обиколницата на Куманово која беше во крајно лоша состојба“, рече министерот Бочварски, дополнувајќи дека работат на подготовка на проект за изградба на нов експресен пат од Куманово до Ранковце, за што веќе е аплицирано за поддршка преку ИПА 3 програмата.

    Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми појасни дека реконструкцијата на делницата Куманово – Страцин се одвивала во две фази, а за изведбата оцени дека е квалитетна.

    „Успешно модернизиравме патна делница којашто е дел од европската коридорска патна мрежа“, рече директорот Рустеми, оценувајќи дека со овие активности, уште еднаш се демонстрира определбата на Владата и на Јавното претпријатие за државни патишта за реализација на амбициозна програма за изградба, модернизација, реконструкција и рехабилитација на патната мрежа низ целата држава.

    (Извор: Brif.mk)

    Exit mobile version