More

    Извештајот на Илхан Ќучук за Македонија „изрешетан“ со бугарски амандмани

    Над 300 амандмани европарламентарците поднесоа за извештајот за Македонија на Илхан Ќучук што утре ќе се најде на гласање на Европскиот парламент. Околу педесетина од нив се поднесени од бугарските европарламентарци, чии партии не можат да се договорат за нормална влада, но во еден глас и со исти аргументи ја напаѓаат Македонија – како да сакаат војна, а не добрососедски односи, пишува Слободанка Јовановска за „Независен.мк“.

    Главната цел на нивните амандмани е да влезе во документот дека Македонија не го исполнува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка  и  дека има силен говор на омраза кон Бугарија и кон бугарското малцинство, па се оди и подалеку – се промовира  кованицата „криминал од омраза“, покрај наводните „дискриминација, вознемирување, закани и  насилства“ кон тие што се декларираат како Бугари во Македонија. Притоа, се користи  аргументот дека од 17.000 невладини организации во Македонија – забранети се само тие што се формирани од Бугари.

    Со амандманите бугарските европарламентарци се обидуваат исто така да го исфрлат делот од извештајот во кој стои дека „преговарачкиот процес не треба да биде злоупотребен за решавање на билатерални спорови“, а место тоа да стои дека исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е услов за приемот во ЕУ.

     

     

    Најкуриозитетни се амандманите со кои се бара од државата да го запре ширењето на говор на омраза кон Бугарија и Бугарите од страна на македонските медиуми, со уште поуникатно  барање – да се спречи таков говор на омраза „кон земји членки на ЕУ и кон соседни земји“.

    Дел од амандманите имаат за цел да ја доведат во прашање оценката во извештајот за добро воспоставената етничка хармонија во државата, бидејќи така бугарските тези за дискриминација паѓаат во вода, а секаде каде што стои дека напорите треба да бидат заеднички (и на Бугарија и на Македонија) во однос на подобрување на односите – да се тргне  реципроцитетната обврска и секаква алузија дека и двете земји имаат одговорност за состојбата.

    Со еден куп амандмани Ангел Џамбаски сака и да ја оцрни сликата за Македонија во Европа, барајќи да влезе во заклучоците дека безбедносната ситуација кај нас е нарушена од присуство на повратници на ИСИС, на вахабисти и од турско, иранско, руско и кинеско влијание.

    Еден од амандманите, пак, јасно исцртува во кој правец се насочени бугарските, а можеби и хрватските апетити, бидејќи е поднесен од  европарламентарка од хрватската ХДЗ, која бара сите етнички заедници во нашата држава да имаат еднаков пристап до „политичко учество, образование и јавна администрација“.  Во единствениот амандман на грчките европарламентарци се бара за договорите со Грција и со Бугарија да не стои „обострана имплементација“ , т.е. и од нивна и од наша страна, туку „имплементација со добра волја“.

    Практика во ЕП е овие стотици амандмани да се сумираат во десетина компромисни и така да се гласаат, при што вообичаено отпаѓаат тие што се екстремни или пристрасни, но сепак исходот зависи од распоредот на силите и од лобирањата во Брисел.

    Судејќи по амандманите, иако ГЕРБ го воскресна спорот со Македонија и ни го стави ветото, главните „јастреби“ сега се од Бугарската социјалистичка партија, чии амандмани не се разликуваат ниту милиметар од тоа што го предлагаат екстремистите, како Ангел Џамбаски и Александар Јорданов, па и се поекстремни во некој поглед.

    Од друга страна, пак, видливо е дека ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги придобила партнерите од групата на народни партии (ЕПП) околу спорот со Бугарија, туку испаѓа дека на некој начин ги нарачала амандманите што се насочени кон оцрнување на Македонија, бидејќи доаѓаат не од кои било партии, туку од најблиските на нив – од ХДЗ и од Австриската народна партија.

    Неколку поспецифични амандмани  ги одразуваат бугарските намери и политички апетити во Европскиот парламент, а со цел резолуцијата за Македонија да биде по бугарски, а не според европски терк. Така, Џамбаски во амандманот 43 предлага да се исфрли делот кој бара „проширувањето на ЕУ да не се злоупотребува за решавање билатерални прашања“ и место тоа да стои дека тоа треба да биде „сеопфатен процес воден од заеднички вредности без создавање конфликтност со земји членки“. Притоа, во амандманот број 48 се додава дека „Македонија одбива да го исполни Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, особено во однос на говорот на омраза против Бугарија и признавањето на заедничката историја“ , а треба целосно да го исполни за да стане членка (49).

    Во серијата  амандмани Сергеј Станишев, Петар Витанов, Цветелина Пенкова, Иво Христов и Елена Јончева од социјалистите од БСП  (50, 51, 52, 53) бараат нов дел во кој, место отфрлањето на билатералните спорови како дел од преговарачкиот процес, да стои дека земјата ќе се оценува:

    -со оглед на тоа дека има зголемен број инциденти врз етничка и политичка основа, вклучувајќи и обид да се запали бугарскиот културен клуб во Битола и насилничкиот напад против секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети…

    – со оглед на тоа дека на извесен број на бугарски граѓани и новинари што сакаа да влезат во Северна Македонија за церемонијата на одбележување на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев , заеднички национален херој за двете земји, им беше оневозможен влез на границата;

    -со оглед на тоа дека по контроверзното именување на културниот клуб во Битола, Северна Македонија го смени Законот за асоцијации и здруженија ефективно де-регистрирајќи го ова здружение;

    -со оглед на тоа дека македонскиот културен  клуб  во Благоевград, што беше отворен во октомври 2022 година, не доби регистрација од бугарските власти врз основа на тоа дека неговата претпоставена политичка активност го прекршува бугарскиот Устав;

    Во 60. амандман, пак, истите тие европарламентарци се обидуваат да ги истакнат како клучен услов добрососедските односи и „имплементацијата  во добра волја на билатералните спогодби, вклучувајќи ги Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија…“ Во 97. амандман пак европарламентарците на БСП бараат место „загриженост за неоправданите одложувања на процесот на пристапување“ да стои загриженост за „одложувањето на почетокот на преговорите“, со цел да се тргне секаква одговорност на бугарската страна.

    Дури и во делот за дискриминација на ранливите групи Станишев и неговите сопартијци бараат место да се констатира постигнат прогрес во Македонија да стои „напор“ и да се констатира притоа „дека ЕП жали за зголемениот број на случаи на говор на омраза, криминал од омраза и  вознемирување кон малцинствата и други ранливи групи  на етничка и политичка основа“. Таквите обвинувања ги има и во амандмани на сите други бугарски европарламентарци, при што поддршка тука имаат и од пратеничка на ХДЗ која со амандман ги повикува македонските власти „да ги почитуваат целосно и да ги заштитуваат човековите права, вклучувајќи ги правата на малцинствата и да осигураат дека сите обвинувања за нивна злоупотреба се навремено и темелно истражени“, што асоцира дека тоа го нема во нашата држава.

    Да бидат истражени „криминалите од омраза“  и да бидат изречени пресуди според европски стандарди бараат и бугарските европарламентарци, кои не се задоволни од судењето за претепувањето на Христијан Пендиков. Во другите амандмани се бара осуда за нападот на клубот во Битола, се трга секој збор што асоцира одговорност и за Бугарија за создадената атмосфера, се бара прогрес на историската комисија околу „клучните историски фигури за двете земји“, да се изрази жалење што се прекинало заедничкото славење на „заедничките историски личности и датуми“, да се отворат воените архиви, да се осуди разместувањето на историски споменици(?) кај нас, да се осуди ставањето на парламентарци на црна листа за влез во Македонија, да се вклучат Бугарите во Уставот и да се објават договорите на историската комисија за учебниците, избегнувајќи притоа да се спомене македонскиот јазик, а место тоа се користи  „јазик на Северна Македонија“.

    Во еден од амандманите Џамбаски бара да се внесе во заклучоците дека се зголемува бројот на македонските граѓани кои се противат на членството во ЕУ и дека од 80 отсто, процентот на поддршка паднал на 68 отсто, сакајќи по сѐ изгледа да ја стави под прашалник европската ориентација на нашата држава.

    За да ги неутрализира бугарските барања амандманот на Илхан Ќучук бара да се укаже на заканата од „омраза и историски ревизионизам“, при што силно се осудуваат „провокациите, како и актите на вадализам и говор на омраза со кои се сака да се предизвика нетолеранција, тензии и дестабилизација на Македонија, а со тоа и одлагање на реформите за ЕУ и успорување на пристапниот процес“. Во амандманот 238 се констатира дека има дезинформациска пропаганда која креира поларизирачки наративи како тие што беа својствени за периодот пред Преспанскиот договор, а со цел да се намали поддршката за договорот со тврдења дека е загрозен македонскиот јазик – наспроти јасната поддршка за него во документот.

    Тинеке Стрик од Зелените има контра амандман со кој го осудува говорот на омраза и заканите што доаѓаат од Бугарија кон нас од страна на екстремни бугарски политичари, заканите со убиство на претседателот Стево Пендаровски од европарламентарец, ширењето на иредентистичката идеја за Голема Бугарија поддржана исто така од член на ЕП – што е спротивно на европските вредности и ги нарушува добрососедските односи со Македонија. Таа бара македонскиот идентитет, јазик и историја целосно да се почитуваат од сите земји членки на ЕУ,  со додавка спорот околу историјата да се решава надвор од преговорите за ЕУ. Таа дури бара да се избрише поддршката на ЕП за уставните промени.

    Известувачот Илхан Ќучук предлага, исто така, да се вметне дел дека ЕУ е „заедница на културен и јазичен диверзитет, базиран на солидарност и заемно почитување“, додека Тинеке Стрик бара да стои во заклучоците дека „проширувањето зависи од објективни критериуми и не треба да биде зависно од унилатерални услови, како што ѝ се случува на Македонија“ и дека се осудува ветото од Бугарија бидејќи неправедно го пролонгира  почетокот на преговорите.

    Во резолуцијата, која сигурно ќе претрпи некои измени, се бара национален консензус за евроинтеграцијата, се изразува загриженост за неоправданото одлагање на процесот на пристапување, од земјата се бара да покаже повидливи резултати во консолидирањето на демократијата, да се подобри владеењето и пристапот до правдата, да се усвојат препораките за изборни реформи од ОДИХР, системски да се превенира високата корупција, да се отвораат постапки за случаите на ДКСК, да има пресуди и да се конфискуваат имоти.

    За билатералните односи се бара да се решаваат надвор од пристапниот процес за ЕУ, се бара постојано обострано исполнување на Договорот со Бугарија, се повикува на смиреност, дигнитет и зрелост во билатералните односи и се поддржуваат уставните измени. Натаму се бара подобро менаџирање со јавните пари, обезбедување транспарентност при давањето државна помош и доделувањето на договори на јавни тендери и да се лимитира ризикот од давање државјанства заради специјални економски интереси, т.е. преку инвестициски шеми. Се поздравува прогресот во елиминирањето на сите форми на дискриминација, се поздравува нашата добро воспоставена меѓуетничка хармонија, се поттикнува државата да ја поправи состојбата со транспортната поврзаност, да ги заврши инфрааструктурните проекти што се нови или се започнати, да го зачува статусот на Охрид во  УНЕСКО, како и да го зголеми рециклирањето и да го модернизира менаџирањето со отпадот. Тинеке Стрик изразува сомнеж во регуларноста на изборот на Исмаил Абази и првиот човек на Судскиот совет, предлагајќи амандман во кој стои дека „ се изразува загриженост за изборот на високи функционери во правосуден систем, како што е Јавното обвинителство за организиран криминал и корупцијата и членовите на
    Судскиот совет и на Одборот на Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи недостасуваа транспарентност и гаранции за независност“.

    Најголемо изненадување е сепак членот 28 во кој стои дека ако има „назадување или неоправдано одлагање на реформите“, на Македонија треба да и бидат суспендирани ЕУ фондовите, ИПА програмата и останатите.

    Бисер во извештајот е амандманот на Тинеке Стрик, која изразува длабока загриженост што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи се обидува да го заобиколи условот за демократија и владеење на правото во земјите кандидати за членство, при што се бара да се истражи дали е тоа во согласност со Кодот за однесување во ЕК.  Бисер е и амандманот на група европски крајнодесничарски екстремисти кои нашиот модел на мултикултурализам и вклучувањето на малцинствата во Уставот го нарекуваат „слепа промоција“ која води кон распад на државата, а ја осудуваат и транзицијата од јаглен во термоелектраните на поеколошки горива. Бисер е и амандманот на Џамбаски кој бара да се вметне дека ЕП гледа „политички, културни, економски и енергетски врски на Македонија со Русија и изразува загриженост околу „огромниот пораст на руски инвестициски канали преку трети земји “ со кои, според него, се крие вистинското потекло на парите и се создава енергетска зависност на земјата преку контрола на единствената гасоводна мрежа – која, патем, доаѓа токму од Бугарија.

    Извор: Независен.мк

    Exit mobile version