Последни написи

Властите во регионот остануваат исти

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Насекаде на Балканот годинава се одржуваа(т) избори, со исходи кои изгледаа прилично неизвесни. Но, иако изборните циклуси не се секаде завршени, реално е да се констатира дека состојбата останува непроменета.

Грците во неделата излегоа на избори кои беа навестувани како „неизвесен трилер“, а лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас најавуваше формирање на „прогресивна влада“, во која најави дека ќе ги покани да учествуваат и централно левичарскиот ПАСОК и левичарската МЕРА 25 на Јанис Варуфакис.

Но, изборниот резултат е вистинско фијаско за левицата. Нова демократија освои 41 % од гласовите и дури 145 пратеници, додека Сириза само 20% од гласовите и 71 пратеник, и заедно со ПАСОК имаат 113 пратеници во парламентот, а МЕРА 25 на Варуфакис не успеа да освои ниту 3% од гласовите, неопходни да се помине цензусот за влез во парламентот.

И покрај убедливиот триумф, лидерот на конзервативците и актуелен премиер Кирјакос Мицотакис најверојатно нема да состави коалициска влада и ќе оди на повторени избори на 25 јуни, на кои првопласирана партија ќе добие бонус меѓу 20 и 50 пратеници зависно од изборниот резултат, со што Нова Деморатија најверојатно ќе има самата над 180 пратеници во парламентот, односно двотретинско мнозинство и мандат за формирање на еднопартиска политичка влада.

Односите на македонската централно-левичарска влада со грчките конзервативци се пристојни, без никакви инциденти, па дури во времето на владеењето на Мицотакис, дојде и до историски поместувања со признавањето на македонскиот јазик во Северна Грција и унапредување на правата на македонското малцинство кое во Грција не е официјално признаено.

Единствената партија која е застапена во грчкиот парламент, а се противи на Преспанскиот договор е „ Грчко решение“ која освои околу 4% од гласовите, додека неонацистичката партија „Златна зора“ и клонот на таа партија што ја оформи поранешниот портпарол на Златна Зора Касидијарис и натаму не може да учествува на изборите, а самото раководство на неонацистите заедно со Касидијарис, сè уште се во затвор.

Една недела претходно имаше избори во Турција, кои беа оценети од светските медиуми како најважни избори во светот за 2023 година. И покрај тоа што традиционално разединетата турска опозиција се здружи во Национален фронт и исфрли единствен опозициски кандидат поддржан од шест партии, Кемал Киличдароглу  со амбиции да победи уште во првиот круг од претседателските избори, за што анкетите пред изборите му дваа реални шанси – опозицијата во Турција доживеа неуспех.

Симболично, на 100 годишнината од формирањето на модерната турска држава од Кемал Ататурк, секуларистите во Турција беа поразени од националистите и исламистите на Реџеп Таип Ердоган. На парламентарните избори, неговата АКП заедно со коалициските партнери освоија убедливо мнозинство во парламентот, а на претседателските избори Ердоган освои над 27 милиони гласа, еден милион гласови повеќе отколку на изборите во 2018-та и за половина процент не успеа да победи уште во првиот круг од претседателските избори.

Киличдароглу освои 2 и пол милиони гласови помалку од Ердоган, и во вториот круг од изборите што ќе се одржат во недела, најверојатно Ердоган ќе обезбеди уште пет години власт, што ќе значи зацврстување на неговата авторитарна власт во Турција, со која владее повеќе од 20 години.

Состојбата со човековите права во оваа земја е лоша. Ердоган кампањата ја води со исклучително жестоки напади против ЛГБТ заедницата, лоша е состојбата и со медиумските слободи, затоа што објавувањето на „лажни вести“ се смета за кривично дело, што дава основа за апсење на опозициски новинари.

Западните демократии не можат многу да влијаат на овие состојби, затоа што засилениот декларативен притисок им се враќа како бумеранг, и национализмот во Турција само повеќе расте, а од друга страна нема реален притисок врз Ердоган, кој потпиша договор со ЕУ уште од 2016-та, со кој тој држи во Турција над 5 милиони бегалци, од кои најголемиот број Сиријци. За возврат западот премолчано го толерира неговиот автократски режим. Од друга страна, во потрага по гласови Киличдароглу најави дека ќе ги протера сите бегалци од Турција ако стане претседател што бездруго би предизвикало бегалска криза и главоболки за Балканот и ЕУ.

Минатата недела во Албанија се одржаа локални избори, на кои социјалистите на премиерот Еди Рама остварија исклучително убедлив триумф во огромно мнозинство општини и во сите поголеми градови, вклучувајќи и некои традиционални бастиони на демократите, во кои социјалистите немаа победено во изминатите 30 години.

Опозицијата во Албанија е бесна и не ги признава изборните резултати, обвинувајќи ги социјалистите за масовен поткуп, но судбината на Сали Бериша е секако запечатена, откако САД најавија дека веќе никогаш нема да соработуваат со него.

Во Србија, опозицијата организира масовни протести како реакција на двете масовни убиства, но впечаток е дека ако на есен има избори, јасен фаворит и натаму ќе бидат „напредњаците“ на Александар Вучиќ, кој е во коалиција со социјалистите на Ивица Дачиќ, а дека опозицијата е многу слаба и разединета. Една од причините за ваквата континуирана состојба во Србија е силната контрола што Александар Вучиќ ја има врз медиумите.

Бугарија го отвори изборниот циклус во 2023-та со изборен резултат кој не дава големи надежи за конечно формирање на политичка влада и по пет изборни циклуси во само две години. Проевропските сили се непомирливо раскарани меѓу себе, а полза од тоа има ултранационалистичката „Преродба“, која отворено се залага за анексија на Македонија кон Бугарија, и прорускиот претседател Румен Радев кој составува технички влади од свои луѓе поради неможноста на парламентот да избере политичка влада.

Во моментов, ГЕРБ се обидува да состави влада чиј мандатар е европската комесарка Марија Габриел, но шансите да состави кабинет кој ќе биде избран од парламентот се многу мали, и поверојатно е летоска Бугарите повторно да излезат на избори. Топ тема во Бугарија повторно е криминалот и корупцијата во обвинителството, а во меѓувреме, односите меѓу Бугарија и Македонија континуирано се влошуваат.

(авторот е долгогодишен новинар и уредник)

Извор: Институт за медиуми и аналитика ИМА

Latest Posts

Не пропуштај