Последни написи

Проф. Дескоски за „Рацин.мк“: Договорите за градење автопати во светот се склучуваат по моделот „Фидик“, а арбитражата е пред Меѓународната трговска Комора во Париз

Во изминатиов период договорот со „Бехтел и Енка“ беше постојано мета на напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека договорот е таен и со тоа коруптивен. Повикувајќи се на „свиркач“, оваа партија изнесе податок дека договорот меѓу другото е штетен и поради фактот што вклучува клаузула за арбитража. При тоа во наводите беа цитирани делови според кои како спорни ги сметаат местото на арбитража и англиското право што би било применето во случај на спор, со што како што велат „македонското право е суспендирано“.

Власта, пак, објаснуваше дека договорот не е таен туку е само доверлив.

Во интервју за Рацин.мк, професорот по меѓународно приватно право и арбитражно право Тони Дескоски, инаку врвен авторитет за оваа проблематика, објаснува дека е вистина дека закон за доверливост не постои, но дека договорните страни имаат право самите да се договорат дали договорот ќе биде доверлив. Едноставно, двете страни се обврзуваат да не изнесуваат податоци надвор во јавноста.

Во однос на арбитражата како наводно „спорен“ дел од договорот, Дескоски е дециден дека клаузулата за решавање на споровите се нешто што е составен дел на секоја трговска зделка.

„Во современиот свет највообичаен начин на решавање на спорови што го има прифатено деловната заедница е преку арбитража. Преку 80% од трговските договори, барем во овој западниот свет кон кој што и ние инклинираме, се вградува арбитражна клаузула. Има многу арбитражни институции во светот, има неколку што се водечки, онака би ги нарекле Ролс Ројс на арбитражата, а меѓу нив е Париз. Договoрите за градење автопатишта како нашиве обично се склучуваат по однапред изготвени теркови. Најраспространетиот таков терк е модел-договорот на Фидик. Тоа е светска федерација на инженери. Тоа е општо прифатен терк во светот. Составен дел на фидик системот е арбитражата и тоа при Меѓународната трговска Комора во Париз“, објаснува Проф. д-р Тони Дескоски за Рацин.мк.

При тоа, професорот по меѓународно приватно право вели дека меѓу најчесто применуваните меродавни права се швајцарското и она на Англија и Велс.

„Во наша пракса Англија и Велс беше избрано како меродавно право своевремено и во договорот со ТАРБС, како и во уште еден голем договор за купопродажба на акции во приватизационен договор. Така што и претходно, и сега, и во иднина, не треба да нè чуди што во нашата држава се избира или се согласува со примена на странско право како меродавно, особено ако е неутрално“, потсетува Дескоски.

Што се однесува до обвинувањата дека при тоа се заобиколува, односно суспендира македонското право, Дескоски вели дека во договорни односи не може да биде суспендирано македонското право зашто кај договорите сè е слобода на договарање.

„Ако ние имаме законодавство што на договорните страни им дозволува во прекуграничните односи да избираат меродавно право, значи не го суспендирате туку напротив го ползувате. Од тој аспект тоа е погрешен начин на размислување. Малку етатистички, малку од некои други времиња“, заклучува професорот Дескоски.

Извор: Рацин.мк

Latest Posts

Не пропуштај