Последни написи

Панел дискусија на ИМА: Потребно е зајакнување на проверката на факти, медиумско описменување и стратешки пристап во борбата против дезинформациите

Во вториот дел на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА: „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“ што се одржа на 18 мај 2023 во Скопје,  панелистите Младен Чадиковски – претседател на ЗНМ, Драган Антоновски –  директор на МИА, Арта Тахири – уредник на вести во ТВ Алсат и Атанас Кировски – поранешен главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си, се осврнаа на битката против дезинформациите.

Атанас Кировски укажа на главните извори на политички дезинформации: „Јасно е дека имаме ние дезинформации, коишто се генерирани од политички центри на моќ, некогаш и надвор од оваа држава, коишто имаат одредена агенда, и тие се прилично и лесно препознатливи. Не викам дека треба да се потценат, главно мислам тука на Москва и на Пекинг, станува збор за автократски режими, коишто го користат информативниот простор за промовирање на своја политичка агенда.“

Според Кировски, една од причините зошто во Македонија тие имаат релативен успех е тоа што западните вредности во континуитет ги имаат разочарано македонските граѓани, посочувајќи на дополнителните услови што ги доби земјата за отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Во своето излагање, Кировски наведе и повеќе примери на дезинформирање во светски медиуми од лукративни, бизнис причини:

„На лажните вести не треба секогаш да гледаме само како на обид на одредени политички центри на моќ да дезинформираат заради политички цели, туку некогаш дека и самите медиуми тоа го прават од лукративни интереси, и мислам дека ќе имаме како редакции, како медиуми, се поголеми и поголеми проблеми да се справуваме со лажните вести, заради тоа што живееме во една ера, каде што технологијата има неверојатен развој. Системите на „дип фејк“ дотаму се отидени што ние утре нема да може да си веруваме на сопствените очи – ќе ни измонтираат глас и слика од претседател или некоја битна фигура, за која што ќе изгледа дека е верно тоа што е емитувано, а тоа ќе биде „дип фејк“. Па, додека да констатирате дека тоа било лага, веќе ќе го емитувате во етерот. Што ќе прават редакциите, ќе прават специјализирани форензички тимови за да проверуваат дали е нешто „дип фејк“ или не е?“

Според Кировски, технолошките предизвици за новинарската струка ќе станат многу сериозни, и со тие предизвици многу скоро ќе се соочиме и во Македонија.

Арта Тахири укажа на тешкотиите со кои се соочуваат новинарите во борбата со дезинформациите: „Битката со дезинформациите стана многу тешка, бидејќи секојдневно се соочуваме со лажни вести од сите страни, не само од надвор, туку и од самите политички партии, бидејќи знаеме дека самите партии во Македонија имаат по неколку портали кои што работат за нив и кои што сервираат дезинформации или лажни вести во нивна корист.“

Според Тахири, редакциите треба да работат на зголемување на капацитетите за проверка на факти, користејќи ги искуствата од западните земји, каде што има посебни медиумски одделенија за проверка на факти.

Од друга страна, Младен Чадиковски во дискусијата рече дека не треба да има посебни редакции за проверка на факти: „Секој новинар е верификатор на факти, тоа му е основната работа на било кој новинар. Значи, не треба да има посебни редакции за верификација на факти, треба едноставно новинарите да си ја вршат својата работа, и да ја проверат веста од еден, два, три извори. Како што тоа обично го правиме.“

Според Чадиковски, проблемот е во непрофесионалноста на одредени медиуми и таканаречени новинари во онлајн-просторот, кои не ја вршат својата работа.

Тахири укажа дека онлајн-медиумите немаат интерес да го решаваат проблемот со лажните вести, но дека новинарите мора да најдат начин како да го решат.

Драган Антоновски во овој дел на дискусијата предочи дека проблем не се ненамерните новинарски грешки, туку намерно спакуваните информации: „Дефинитивно, новинарската работа е да ги провериш фактите. Меѓутоа, кој работи, тој и греши. Мене не ми се проблем ненамерните грешки, знаете, кога ќе го дефинираш „дезинформација“, тоа е намерно спакувана информација од луѓе кои знаат да пакуваат информации.“

Според Антоновски, потребно е разграничување на новинарите од не-новинарите:„Мислам дека ние треба да размислиме и да се преброиме – да ги разграничиме новинарите од не-новинарите… Ние ќе мора да се преброиме, кои работат професионално, кои не се професионалци…“

Младен Чадиковски го постави прашањето како да се намали штетата што ја прават дезинформациите: „Ние ќе останеме да живееме со проблемот на дезинформации. Прашањето е како да го намалиме, и како да ја минимизираме вредноста на дезинформациите, штетата што тие ја прават.“

Според Чадиковски, од една страна, потребно е одвојување на професионалците од непрофесионалците, а од друга страна, медиумско описменување: „Мораме да ги одвоиме професионалците од непрофесионалците, и во исто време сите да работиме на тоа да научиме да читаме вести.  Мислам, и ние ден денес се фаќаме во ситуација да се излажеме од лажна вест, а што останува за оние кои што медиумски не се доволно писмени, или немале други контакти со тоа.“

На крајот од панел – дискусијата, модераторот Петрит Сарачини укажа дека недостасува стратешки пристап во борбата против дезинформациите: „Недостасува стратешки пристап во борбата против дезинформациите, хибридните закани, но и со говорот на омраза. Од политичките партии и политичарите очекуваме помалку дезинформации, помалку пропаганда што ја зголемува поларизацијата во општеството и ги оневозможува речиси сите покрупни општествени зафати, не само оние важни за медиумските слободи.“

Исто така, Сарачини поентираше дека добивањето на битката за справување со индустријата за дезинформации е битка на медиумите за нивен опстанок и за враќање на довербата:  „На медиумските професионалци, освен со политичките и економските притисоци… им претстои битка за справување со индустријата за дезинформации, за почитување на професионалните стандарди, и за враќање на довербата. Ова е неопходно за опстанок на професионалните медиуми и исцртување на јасна линија помеѓу нив и кујните за производство на пропаганда, лаги и говор на омраза.“

Извор: ИМА.мк

Latest Posts

Не пропуштај